Нема контрола на лековите од паралелен увоз од трети земји, Омбудманот бара законски измени

Народниот правобранител има поднесено иницијатива до Владата за измени на Законот за лекови и медицински средства со која бара да се зајакне постапката за безбедност на лековите набавени преку паралелен увоз од трети земји.

Со законските измени се предлага задолжително да се предвиди стручна проценка на лекот од страна на комисија за лекови, да се укине можноста за издавање на привремено одобрение за ставање на лекот во промет и да се врши контрола на секоја увезена серија на лек од паралален увоз.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител посочуваат дека со сегашните законски одредби при паралелниот увоз на лекови од трети земји се врши само проценка на документацијата, но не и стручна проценка за квалитетот и безбедноста на лекот. Лековите набавени со паралелен увоз од трети земји не се проверуваат ниту во специјализирани лаборатории во Стразбург и Лондон, како што тоа е законски предвидено со лековите набавени со паралелен увоз од земји членки на ЕУ.

Анализата направена од страна на Народниот правобранител врз основа на добиени информации од надлежните институции и 45 јавни здравствени установи покажува дека во моментот 99 проценти од паралелниот увоз на лекови од трети земји се врши од Турција.

Податоците добиени од Агенцијата за лекови укажуваат дека во периодот 2016/2017 година во еден случај не е издадено одобрение за увоз на лек поради недостаток во квалитетот и повлечени се од промет 12 серии од лекот Cerezyme Amp 400E – imigluserase. Во истиот период постапено е и по две поплаки од граѓани за инсулинска терапија. Во тек е и прекршочна пријава за лек наменет за Клиниката за онкологија и радиотерапија поради дистрибуција на лек без одобрение.

Од кај Народниот правобранител се надеваат дека ќе бидат понудени законски измени кои ќе бидат ставени на јавна дебата со цел да се направи квалитетно законско решение кое ќе гарантира безбедност и кавлитет на лековите набавени преку паралелен увоз од трети земји.

Иницијативата што ја покренува Народниот правобранител и направената анализа се врз основа на добиена претставка од страна на здружение за детски дијабетес. Предметот од страна на Народниот правобранител е отворен уште во октомври и оттогаш се побарани одговори и информации од Министерството за здравство, Агенцијата за лекови и 45 јавни здравствени установи.

МИА