Нема греење во интернатот „Партениј Зографски“, управата очекува проблемот да се реши до крајот на неделава

Престојувам во Интернат Партенија Зографски кој се наоѓа во Скопје. Веќе е почната грејната сезона, но ние уште немаме парно. Ова се нехумани услови за живот. Сите сме испоразболени и испонастинати, сите сме завиткани во ќебиња, се тресеме и учиме…

Оваа порака денес пристигна до редакцијата на Радио МОФ од ученик кој сакаше да остане анонимен, а кој е сместен во ученичкиот дом при Државниот училишен центар за образование и рехабилитација „Партениј Зографски“

За ова упативме прашање до управата на „Партениј Зографски“. Оттаму ни потврдија дека моментално нема греење во интернатските простории, а причината е, како што рекоа, пукната цевка.

„Во текот на грејната сезона пукна, тоа е нешто што е покриено, не го гледа никој. На почетокот се појави дефект во земја, не го гледа никој. До крајот на неделата претпоставувам дека ќе биде санирано“, кажаа од управата.

Притоа, нè уверија дека следната недела ќе има греење, а нè поканија и да се увериме лично. Од управата ги повикаа учениците да се обратат до нив доколку имаат за нешто да се пожалат.

„Имаат еден добар дел можности да земе греалка, ако толку му е ладно. Никој не рекол да не земе греалка. Станува збор за нешто што се работи. Тие што имаат клими може да ги вклучат, може да се донесе греалка од дома. Има начин на кој може да се надокнади топлината, ако му е ладно“, изјавија од таму.

Во ученичкиот дом престојуваат 157 ученици.

Ангела Бошкоска