НаТочак: Градскиот Совет изгласа да се продолжи патеката на Вардар и да се одвојат средства за бројачи на велосипеди

Седницата на Советот на Град Скопје од пред два дена, беше историска за повеќе работи, а за уште една од нив ние сме среќни, велат од велосипедската иницијатива НаТочак.

Од таму посочуваат дека конечно, по 4 години обидување, беа изгласани два нивни предлог амандмани на буџетот на Град Скопје, поднесени од Зелен Хуман Град. Првиот е продолжување на рекреативната патека на Вардар и нејзино интегрирање со останатата велосипедска мрежа – 20.000.000 денари, а вториод се однесува за одвојување на средства за бројачи на велосипеди – 5.000.000 денари.

„За разлика од предлозите што беа изгласани во минатото (‘Бројачи’ – во последната година од мандатот на претходниот градоначалник и ‘план за Визија нула’ во првата година од мандатот на сегашната градоначалничка), овој пат едната точка е целосно во рацете на градското Јавно Претпријатие – Улици и Патишта, а за другата точка веќе имаат појдовна позиција и само треба да ги извршат набавките и монтажата“, соопштува вело-иницијативата.

Бројачи на велосипеди во Загреб, фото: НаТочак

Според вело-активистите, не може да има оправдувања како „немаме капацитет да го сработиме тоа“ или немаат пари во буџетот.

„Парите очигледно ги имаат чим ги изгласаа на Совет, работната снага ја имаат за изведба на рампи и продолжување на кејот бидејќи тоа го прават веќе со години, а дополнително може да најмат надворешен изведувач преку тендерска набавка“, се вели во соопштението.

Дополнително, посочува НаТочак, ова е можност оваа градска власт конечно да покаже дека има систематско решение за некои од проблемите на велосипедистите.

„Сепак, продолжението на патеката на кејот беше и предизборно ветување на градоначалничката. Носеше назив ‘Зелен спортски кеј од Ѓорче до Долно Лисиче’. Ние само бараме негово продолжување до границите на градот во Сарај на запад и Јурумлери на исток. Им благодариме на советниците што ги изгласаа амандманите и на Зелен Хуман Град што ги поднесоа. Првиот ќе влијае на пристапноста на кејот и неговата достапност до сите граѓани, а вториот позитивно ќе влијае на велосипедскиот имиџ на градот, а ќе собира и вредни податоци за велосипедскиот сообраќај“, велат од НаТочак.