НаТочак: Дали бесплатниот автобус ќе ги натера скопјани да се откажат од колите?

Иницијативата НаТолак преку својот ФБ профил побара анализа на успешноста на една од мерките против загадувањето, бесплатен јавен превоз. Нивното обраќање до Град Скопје и Министерството за животна средина го објавуваме интегрално:

„Мерката е во ред само доколку е комплетна, доколку се следи нејзината ефикасност.
Дали надлежните го мерат бројот на патници, пред и после спроведување на мерката? Дали тие ќе излезат со конкретни бројки со кои ќе покажат дека оваа мерка е успешна, односно стимулирала толкав процент или број на патници да се превезуваат со јавен превоз.

Понатаму, дали ќе се направи анализа дали евентуалниот зголемен број на патници во јавниот превоз е преземен од пешаците, велосипедистите или пак од возачите на автомобили. Таргетот на мерката е дестимулација на автомобилот на сметка на користење јавен превоз. Затоа анализата треба да покаже од кој тип сообраќај е преземен зголемениот број на патници.

Ако се утврди дека тоа е процент од велосипедистите или пешаците, а бројот на корисници на автомобили е ист, тогаш може да се заклучи дека мерката не само што не е соодветна, туку и создава трошоци, бидејќи не постои бесплатен превоз, тој на крајот на денот некој треба да го плати, индиректно ние граѓаните. Бидејќи граѓаните, преку буџетите на општините ги плаќаат мерките, мора да реагираат на нивните недоследности.

Стимулирањето на еден вид транспорт (јавен превоз) мора да е паралелно пратено со дестимулирање на друг (автомобили) за да очекуваме некакви значајни поместувања.

Се додека имплементирањето на мерките не е комплетно, коренито и суштинско, без бројки и анализи кои ја потврдуваат нивната успешност, ќе постои сомневање дека мерките се новогодишен празен декор.

Главното прашање, зошто во итните мерки против загадувањето не се најде ниедна мерка која го стимулира велосипедизмот? Град Скопје Министерство за животна средина и просторно планирање“, прашуваат НаТочак.