„Напред розово“ – прошетка во форма на панделка против ракот на дојка

Прошетка, под мотото „Напред розово – чекори против ракот на дојка“, во чест на жените со рак на дојка, ќе се одржи на 1 октомври на плоштадот „Македонија“ во Скопје.

Прошетката ќе се одржи во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, со што ќе почне тримесечната кампања за борба против оваа болест.

Прошетката од плоштадот ќе продолжи на улицата „Македонија“, потоа по улицата „Димитрие Чупоски“ по што учесниците ќе поминат низ порта „Македонија“ и ќе се вратат на плоштадот. Рутата е долга три километри и е во вид на панделка.

Ова денеска на прес-конференција го истакна Биба Додева, претседател на здружението „Борка“. Таа посочи дека кампањата ќе се одвива во сите поголеми градови во Македонија, а розовиот едукативен караван е составен од лекари, психолози и онколози.

„Со кампањата сакаме да ја подигнеме свесноста меѓу жените со метастатски, напреден стадиум на рак на дојка, кој може да се излекува доколку е откриен навреме. Сакаме да ги поттикнеме жените кои живеат со рак на дојка да имаат продуктивен и квалитетен живот и да се стремиме да се намали инциденцата на напредната болест преку подобрување на услугите за поддршка, рече Додева.

Додева рече дека Македонија е на трето место по смртност од сите малигни заболувања во Европа.

„Над 1.200 жени секоја година се детектираат, а четири жени дневно заболуваат од рак на дојка. Нашите заложби се да им се овозможи на сите жени и мажи да добијат соодветен и навремен третман и пристап до нова терапија. Вчера имавме состанок и со претставници на Владата и добивме позитивен одговор и поддршка за имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот која ќе почне во 2018 година“, речеа Додева.

Таа нагласи дека од продажбата на секое од 30-илјадите пакувања чоколадни бонбони „Аталантис“ во кои се вметнати информативни флаери на македонски и албански јазик, 10 денари ќе бидат одвоени за активностите на Здружението.

Лора Баун, одговорна за односи со јавност во Американската амбасада, која неколку години ја поддржува кампањата на „Борка“, рече дека ракот на дојката е болест која допрела речиси секого бидејќи сите, имаат сакан член од семејството, пријател или сосед кој се соочил со тоа.

„Се надевам дека сите ќе и се придружат на „Борка“ и нашиот тим од Амбасадата во недела на 1 октомври да чекориме заедно во чест на сите кои изгубиле живот, оние кои продолжуваат да се борат и сите нивни семејства, пријатели, доктори кои ги поддржуваат“, додаде Браун.