Наместо за новогодишно декорирање Општина Велес средствата ќе ги донира на сиромашни семејства

Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски, најави дека парите предвидени за новогодишни украси, календари и други промотивни материјали ќе бидат донирани на 100 социјално загрозени семејства од градот и околината.

Според одлуката секое од овие семејства ќе добие по 3.000 денари пред новогодишните празници.

„Одлучив средствата да ги донираме на социјално најзагрозените семејства и да придонесеме овие наши сограѓани да имаат поубави и поисполнети празници со своите семејства. Да ги заборават проблемите и грижите и барем за момент да ги почувствуваат топлината и радоста на празниците“, рече градоначалникот Коцевски.

Вкупната вредност на донацијата е 300.000 денари. Од Општина Велес додаваат и дека податоците за семејствата ќе се обезбедат во соработка со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.