Најмалку шест жртви откако мигранти присилно биле фрлани во море

Најмалку шест лица загинале, а 13 се исчезнати откако преку 150 бегалци од криумчарите биле присилени да го напуштат бродот во близина на брегот на Јемен. Ова е втор ваков случај, на намерно удавени мигранти, во последните 24 часа, соопштила Агенцијата за миграции на Обединетите Нации.

Меѓународната организација за миграции (ИОМ) објави дека нивните служби пронашле шест безживотни тела на брегот – две машки и четири женски, додавајќи дека 13 лица се водат како исчезнати.

Според нивните наводи, 84 мигранти ја напуштиле плажата пред доаѓањето на нивните служби, додека ИОМ пружиле медицинска помош, храна и вода за 57-те преживеани.

„Ова е многу драматична ситуација. Биле на бродот со криумчарите, кои ги оставиле во море пред да стигнат до брегот. Некои исчезнале, додека другите биле закопани на плажата од нивните пријатели“, изјавил Лорен де Бок, шефот на ИОМ за Јемен.

Тој додал дека инцидентот го пријавиле преживеани, кои ги опишал како „исцрпени и шокирани“. Де Бок посочува и дека ваквите случаи се нови и дека неговата агенција прв пат забележува луѓе кои се протерани од бродовите пред да стигнат до брегот.

Инцидентот следува ден по „намерното давење“ на 50 мигранти од Сомалија и Етиопија, кога криумчарот ги исфрлил во море во близината на Јемен.

Од јануари 2017 до денес, скоро 55 илјади мигранти испловиле од таканаречениот Рог на Африка на источниот брег на континентот претежно за Јемен во надеж дека ќе влезат во некои од богатите заливски држави.

Повеќе од 30 илјади мигранти се помлади од 18 години. Доаѓаат и Сомалија и Етиопија и третина од нив се жени, наведуваат од ИОМ.

Патувањето по таа рута особено е опасно сега, кога е сезоната на ветрови во Индискиот Океан. Криумчарите делуваат во Црвеното Море и Аденскиот Залив, нудејќи лажни ветувања на ранливите мигранти.