„На кафе со психологот“ – серија настани за промовирање на важноста за менталното здравје

Утревечер во „Цреша“ со почеток во 19 часот започнува серија активности кои имаат за цел да ја промовираат важноста на менталното здравје.

Анита Николовска, стипендистка на Linking, Engagement, Advocacy and Development – LEAD преку три различни настани ќе се обиде да ја доближи темата до пошироката јавност преку неформална дружба со психолози и психотерапевти.

Како би опишал што значи да бидеш ти? Или што се случува во твојата глава? Што е ментално здравје? Што е потребно за да го негуваме нашето ментално здравје? Одговорите на овие прашања, но и на сите останати поврзани со менталното здравје, ќе има можност да се слушнат на трите настани „На кафе со психолог”.

„Ќе слушнеш совети и препораки како да се грижиш и да го негуваш своето ментално здравје. Директно ќе можеш да разбереш кои се разликите помеѓу психолог, психотерапевт и психијатар и да дознаеш каде можеш да се обратиш доколку се соочуваш со некаков проблем“, појаснува Николовска.

Настаните се од отворен карактер и не е потребно пријавување.

Активноста „Mental Health Matters” е спроведувана со финансиска поддршка од Проектот на УСАИД за граѓанско учество.