Мотоциклистите утре ќе возат низ Скопје во знак на протест поради нееднаквиот третман во сообраќајот

Мотоциклистите утре ќе излезат на протестно возење низ улиците на Скопје за како што велат, да ја подигнат свеста кај останатите учесници во сообраќајот.

Протестното возење е под слоганот „Погледни двапати, спаси живот“, кој е дел од глобалната кампања на Светската мото-федерација.

„Пораката која ја праќаме е дека постоиме, дека другите возачи треба да внимаваат на нас во сообраќајот како рамноправни учесници. Да допринесеме сите заедно да испратиме порака во јавноста дека сме моторџии, дека имаме фамилии кои не чекаат дома, и дека нема да дозволиме да не газат по улиците останатите возачи за да заштедат 5 минути од своето време“, се вели во соопштението на Македонската мотоциклистичка федерација. 

Протестното возење ќе започне во 18 часот од плоштадот Македонија, кај Триумфалната капија.

Организаторите ги замолуваат учесниците да се придржуваат до инструкциите на редарите, да се вози во една лента, по два мотора наизменично.