„Мора да се види“ – трета самостојна изложба на Зулејха Зубери Али

Насловена како „Мора да се види“, сликарката Зулејха Зубери Али ќе ја претстави својата трета самостојна изложба во уметничката галерија „Пионери“ на 12 јули, среда.

Со почеток во 20 часот, присутните ќе можат да ги видат делата создадени во период од четири месеци.

„Во мирните слики на Зулејха, радоста на живеењето надвор од градовите, раскажана низ палетата на Прованса, е начин да се побегне од секојдневната рутина на живеење. Повеќеслоевитоста и минималистичката повторлива текстура имаат за цел да ја покажат медитативната сила на летниот одмор и новата енергија која ја буди во нас. Зулејха посочува на важноста да си дозволиме момент на радост и време за одмор и во секојдневниот живот.“, велат од галеријата.

Зулејха Зубери Али дипломирала на „Факултетот за ликовни уметности“ во Скопје, и учествувала на повеќе групни и самостојни изложби во Македонија и надвор. Нејзините слоевити монохроматски слики ги отсликуваат боите и амбиентот на куќите во Прованса, кои се растегнуваат од сиво сини врати до подови со боја на керамида и светло зелени прозорци.