„Стогови на времето“ – самостојна изложба на Филип Велковски

Самостојната изложба на македонскиот уметник Филип Велковски, насловена „Стогови на времето“ ќе биде отворена на 6 октомври во скопската уметничка галерија „Пионери“, а ќе трае две недели.

Од галеријата истакнуваат дека изложбата сублимира делови од изложбите на Филип прикажани во периодот 2017-2022 година, а оттаму дополнуваат дека изложбата испраќа моќна порака дека временската скала секогаш ги наталожува моментите од минатото во сегашност и иднина.

„Во виртуелниот екран на дигиталните архиви, неодамна претставен на неговата магистерска изложба на Факултетот за уметност во Глазгов, гледаме процес на компостирање на хронолошки стогови сено во дистописки розов смог. Каков живот овие стогови пренесуваат од иднината кон вечноста? Какви остатоци будат во нас“, велат од галеријата во најавата за изложбата.