[Интервју] Филип Велковски: Се’ уште ми е присутен интересот за мистицизмот, сонот и имагинарните митологии

„Стогови на времето“ се вика изложбата на Филип Велковски која минатата недела беше отворена во галеријата „Пионери“, па Радио МОФ направи интервју со македонскиот уметник за да „прочепка“ во неговата уметничка дејност. Тој моментално претстојува во Глазгов, па Велковски прави паралела и за независните сцени во Глазгов и Скопје, за одржливоста и функционирањето на колективите вон институционалното, но открива и за идните изложби и работни проекти.  

„Стогови на времето“ прикажува делови од твои изложби меѓу 2017-2022 година. Од каде оваа потреба за сублимирање на последниот петгодишен изложбен период? 

Во последните пет години се сменија многу работи, како на лично така и на глобално ниво. Со тоа и мојата ликовна пракса. Јана, галеристката на галерија „Пионири“ предложи да направиме мини изложба во која ќе се види мојот прогрес (или регрес) како уметник, и јас се сложив.

Колаж на дела од Вилип Велковски

Според најавата на изложбата, „на виртуелниот екран на дигиталните архиви, гледаме процес на компостирање на хронолошки стогови сено во дистописки розов смог. Што значи ова? Твои, уметнички пораки од минатото во сегашноста и иднината?

Во 2017 година, стоговите сено, случајно, станаа субјект кој многу почна да ме интересира. Почнав да размислувам зошто таа форма толку многу ми го привлекува вниманието. Не само примитивниот изглед на натрупан материјал, туку и монументалноста на стогот сено во полето. За време на моите студии во Глазгов, направив истражување за стогот (или купот) како форма, и сублимирав дека многу уметници во историјата ја користат токму оваа форма за да го истражуваат времето. На пример Моне ги слика стоговите сено во различни делови од денот и годишни времиња, и го користи како субјект за обсервација на визуелните промени кои ги носи времето. Енди Голдсфорти ја користи истата форма во своите природни скулптури од камен и мраз, и го следи нивнтиот „живот“ како тие се распаѓаат, топат, или како стануваат проголтани од плимата на морето.

Од друга страна поврзувајќи го купот како метод на истражување сфатив дека мојата пракса се зазснова на насобирање и наталожување на идеи, чувства, мемории кои се преработуваат и трансформираат во уметничко дело. Стоговите кои се појавуваат во дигиталното дело „Стогови на времето“ го симболизираат токму овој процес на наталожување, собирање и напластување на идеи во временски итервал, а воедно претставува еден омаж на стогот како форма користена од уметниците низ историјата. Дистопискиот розев смог веројатно претставува надворешниот свет кој е на раб на колапс, или барем како јас се чуствувам во врска со истиот.

Од изложбениот плакат

Некако, низ годините твој претпознатлив белег стана умственото, сонливото и маргиналните митологии. Остана ли уште на тој истиот артистички ракурс?

Интересот за мистицизмот, сонот и имагинарните митологии е се’ уште присутен. Во последно време пробувам да го надоградам мојот израз со користење на современи изразни средства, виртуелна реалност, но и традиционални фотографски техники. Пробувам да ги спојам овие интереси во една кохезија која би претставувало комбинација на користење на различни техники кои се користеле во различни епохи во ликовната пракса. Со тоа сметам дека, времето, како интерес е се по присутен во моите размисли. Времето како спирала или праволиниски, се’ уште се обидувам да сфатам…

Филип, замина во Глазгов на доедукација и живеачка, па те снема по домашните културни свртувалишта. Дали се’ уште си активен во уметничка смисла, иако далеку од Скопје? Правиш ли нешто таму, сликаш, илустрираш?

Да, моментално престојувам во Глазгов, но не се согласувам дека ме снема од домашната културна сцена. Додека бев тука, во ноември 2021 се случи изложбата „Пливајќи во лепливото езеро” во МКЦ, заедно со Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, и секако актуелната изложба „Стогови на времето“ во галерија „Пионири“. Се обидувам да дејстувавм паралелно тука во Глазгов и во Скопје. Во Глазгов учествував на 4 групни изложби „Early Days“ (Garage Gallery, Glasgow, 2021) , „Strawn Taboos“ (Garage Gallery, Glasgow, 2022), „The Living Room“ (The old hairdressers, Glasgow, 2022), MLitt – завршната изложба (Stow college, „COIL“, Glasgow, 2022), и една групна изложба во Лондон (RBA, Rising Star, 2022). Моментално, со тројца колеги спремаме заедничка изложба во Глазгов која битребало да се случи во септеври-ноември 2023. Напоредно со ова работам на нова илустрирана книга за животот на дабарите во Шкотска, но за тоа во друга прилика.

Што се случува во Глазгов во однос на културно-социјални простори и настани? Најде ли нешто каде можеш да биде свој, на своето, знаејќи дека во Скопје беше поврзан со уметничкиот колектив „Кула“, работеше како куратор на фестивалот „Под земја полесно се дише“, соработуваше со „Партизанска штампа“…?

Независната културна сцена во Глазгов е многу вибрантна и разнолика, но многу различна од скопската. Капитализмот налага колективите и организациите да се бизнис ориентирани. И тоа не го гледам како лошо, мислам дека тоа му фали малку на Скопје. Во зачеток сум на формирање колектив со тројца другари, колеги од факултет, и се надевам тоа ќе се оствари. Инаку има многу места налик на КУЛА, каде што можам да отидам и да се чувствувам како дома, за жал не постои ништо како „Под земја полесно се дише“. Има премногу регулативи во однос на безбедност, и не можам да замислам настан од тој тип во Глазгов (па и во Британија, генерално).

Веќе правиме паралела и за Скопје, особено за онаа независна и вонинституционална култура. Актуелни се дискусиите колку таа може да се базира на директна акција, солидарност и заемна помош? Колку таа се случува, каде се случува, и како да не се изгуби првичниот ентузијазам, за да продолжи да биде таква – пргава и самоиницијативна?

Мислам дека независната сцена во Скопје е уникатна, пред се’ затоа што во Скопје сите се другари на некаков начин, сите од културната сцена пиеле пиво на улица и се нашле во ситуација каде што си помагале еден на друг, и тоа е супер. Друг аспект кој би го карактеризирал за Скопската сцена е дека – нема пари. Со тоа е ослободена од комерцијален притисок, но за жал и тешко одржлива. Мое мислење е дека во таа сцена треба да се имплементира некако заработката, но се прашувам дали ако се случи тоа ќе се изгуби пргавоста и слободата…
Извини не сум сигурен дека ти одговорив на ова прашање хаха. На крајот, неизбежното прашање. Што може да очекуваме од Филип понатаму, можеби уште уметнички проекти, дигитални илустративни дела, можеби истражување и преку други медиуми?

Како што напоменав, спремам изложба во Глазгов за наредната година. Почнав да работам во полето на скулптурата, виртуелната реалност и фотографијата, и се надевам ќе имам можност да продолжам да истражувам во тој правец. Илустрацијата секогаш е присутна во мојата пракса како паралелна дисциплина со ликовната уметност, и начин да заработам, така што верувам дека ќе има уште мои илустрации низ интернетот, и во печатена форма.

Бојан Шашевски