„Поинакви архитектонски доживувања“ – изложба на Тијана Стојковска во галеријата „Пионери“ во среда

Во среда (12 април) ќе се отвори изложбата „Поинакви архитектонски доживувања“ на македонската уметница и архитектка Тијана Стојковска. Изложбата ќе се одржи во галеријата „Пионери“ и ќе трае во следните две недели.

Делата, како што посочуваат организаторите се последица од откривање на врската меѓу имагинативниот свет и реалната перцепција за светот.

„Македонската архитектура од 20-тиот век е сеприсутната тема во сите дела, а реимагинацијата на нејзиниот контекст e главен начин за создавање нови нереални архитектонски светови. Богатиот опус на архитектонски дела од наши архитекти е неиспцрпен извор за нови креативни визии во дигиталната уметност кои поттикнуваат поинакви доживувања на веќе добро познати простори. Со оттргнување на архитектурата од околниот контекст, таа се оддалечува од негативните конотации со кои е поврзана со оглед на тоа дека архитектурата е естетска и функционална експресија на својата околина, период и општество“, се посочува во најавата за настанот.

„Во делата се визуелизирани повеќе различни наративи и атмосфери преку поврзување на архитектурата со природата, со небото, со водата. Со одредени контексти се прикажува поинаква утописка средина, додека со други се поттикнува размислувањето за не толку ‘романтична’ средина и занемарениот проблем со глобалното затоплување кој се повеќе станува неизбежен дел од нашата вистинска реалност. Во делата, архитектурата е претставена и низ надреален објектив, како би се доживувала низ имагинативното око на децата. Архитектурата и просторите кои ги дефинира секогаш се доживуваат субјективно, во зависност од емоциите и чувствата на тој што ги доживува“, се додава во најавата за настанот.

Целта на изложбата е да се создаде нова перспектива за необичноста на архитектурата од нашата ‘обична’ стварност и да поттикне нови начини на доживување на истата.