Изложба на студентски трудови за нова општинска зграда во „Матично“

Изложбата „Зграда на општинската администрација“, која денес беше отворена во Младинскиот центар „Матично“, претставува изложба на студентски трудови за нова општинска зграда.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 3 март, а тие ќе можат да ги разгледаат проектите на студентите по архитектура, менторирани од Анета Христова – Поповска, Михајло Зиноски,  Мери Батакоја и  Благоја Бајковски.

„Студентите за оваа вежба црпеа инспирација од актуелната локација на Општина Центар во Дебар маало, а изложени ќе бидат избрани проекти од предметот Архитектонско студио 5.2, односно најдобрите 10 студентски проекти илустрирани преку постери и макети, работени во текот на петтиот семестар“, велат од Општина Центар.

Оттаму додаваат дека преку темата за  општинска администрација, студентите имале можност да размислуваат за начините на кои архитектурата учествува во создавањето на пристапни и транспарентни институции и придонесува кон поголема ефикасност на администрацијата, ре-организирајќи ја во современи модалитети на работење.

Соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ уште во 2019 година се официјализираше со потпишувањето на Меморандум, преку кој студентите од факулетот, заедно со општинските стручни служби реализираат практично-теоретска настава и вежби.