МОН објави конкурси за стипендии за постдипломци и докторанти

Министерството за образование и наука (МОН) ги објави конкурсите за доделување стипендии за студии од втор и трет циклус за академската 2023/24 година.

За магистрите, односно студентите запишани на втор циклус МОН ќе додели 50 стипендии во висина од 9.000 денари месечно за девет месеци во текот на академската година на која се запишале студентите.

Корисник на стипендија може да биде студент кој ги исполнува условите:

  1. Да има завршено академски студии од прв циклус во траење од четири години и постигнат просечен успех од најмалку 8,50 или да има нострифицирано диплома за академски студии од прв циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;
  2. Да е запишан на академски студии од втор циклус, прв пат во прва година во академската 2023/2024 година, 40 стипендии од научното подрачје на природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика); или на техничко-технолошките науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство) и 10 стипендии од научното подрачје од општествени  науки.
  3. Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
  4. На денот на конкурирањето да не е постар од 27 години;
  5. Да не е во работен однос  (на определено или неопределено работно време);
  6. Да не е корисник на стипендија од други даватели;
  7. Да знае еден од светските јазици.

Повеќе околу потребните документи и начинот на пријавување може да се најде тука. Конкурсот, како што велат од МОН, ќе трае се додека не се исполни вкупниот број на предвидени стипендии.

За студентите запишани на докторски, односно на трет циклус студии, Министерството ќе додели 15 стипендии во износ од 18.000 денари месечно во период од 12 месеци во текот на академската година.

Кандидат за стипендија може да биде студент кој ги исполнува овие услови:

  1. Да има завршено втор циклус академски студии чие вкупно времетраење со првиот циклус не е пократко од пет години и да има постигнат просечен успех од најмалку 8,5 посебно за првиот и посебно за вториот циклус на студии или да има нострифицирано диплома за академски студии од втор циклус стекнати во странство со остварен еквивалентен просечен успех од најмалку 8,50;
  2. Да е запишан на академски студии од трет циклус, прв пат во прва година, односно ја запишал редовно втората година со положени најмалку две третини од предвидените испити од првата година, односно ја запишал редовно третата година, во академската 2023/2024 година, 12 стипендии од научното подрачје на природно-математичките науки (биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика); или на техничко-технолошките науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство) и 3 стипендии од научното подрачје од општествени  науки.
  3. Кандидатот да има објавено најмалку 1 (еден) научно-истражувачки труд во меѓународни научни списанија или меѓународни научни публикации од научната област на која се однесуваат докторските студии;
  4. Да има 2 препораки од универзитетски професори;
  5. Студиската програма на која е запишан кандидатот да е акредитирана и да има решение за работа;
  6. Да не е корисник на стипендија од други даватели;
  7. Да знае еден од светските јазици;
  8. На денот на конкурирањето да не е постар од 38 години.

Повеќе информации може да се најдат тука.

Инаку, ова е вторпат МОН да објави конкурс за стипендии за магистри и докторанти откако ги воведе во 2021 година. Во академската 2022/23 Министерството не објави конкурси и не додели стипендии за постдипломците и студентите на докторски студии.

Владата нема реализирано скоро ништо од ветените образовни реформи