МОН објави конкурс за стипендии за учениците во дуални паралелки од здравствена струка

По реакциите на средните медицински училишта од Штип, Тетово, и протестот на средношколските медицинари во Гостивар, Министерството за образование и наука (МОН) денес го објави конкурсот за стипендии за ученици во дуални паралелки од здравствена струка.

„Министерството за образование и наука ќе додели 500 (петстотини) стипендии за ученици кои ќе се запишат во паралелки во стручно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови согласно програмите за стручно образование од здравствена струка за учебната 2023/2024 година“, соопштуваат од Министерството.

Право на оваа стипендија имаат кандидатите кои учат во јавните и приватните средни училишта во Република Северна Македонија и ги исполнуваат условите:

  1. Да се редовни ученици/чки од средно образование во кои ќе се реализира практично образование со зголемен број на часови согласно програмите за стручно образованиево Република Северна Македонија во здравствените струки;
  2. Да имаат постигнато минимум континуиран успех од 3.00 во досегашното образование;
  3. Да не повторувале година во текот на образованието;
  4. Да не се корисници на стипендија од други институции или фирми;
  5. Да се државјани на Република Северна Македонија.

Критериум за доделување на стипендиите e постигнат успех., а доколку има повеќе кандидати со ист број на бодови, предност имаат кандидатите запишани во повисока година.

„Доколку од вкупниот број на пристигнати апликации постои родов јаз, односно од вкупно пријавените кандидати бројот на женски кандидатки е помал од 40%, во финалното бодување на женските кандидатки кои исполнуваат услови ќе им се даде дополнителен бод“, пишува во соопштението за конкурсот.

Рокот за пријавување е до 11.01.2024 година, а повеќе информации околу начинот на пријавување и потребните документи може да се најдат овде.

Инаку, Конкурсот за стипендии за ученици во дуални паралелки од здравствена струка следува откако во октомври кога МОН објави конкурс за стипендии за ученици во дуално образование ги исклучи учениците медицинари. По реакциите на училиштата, од ресорното министерство соопштија дека ќе објават посебен конкурс за учениците од здравствена струка.

Средношколци медицинари револтирани што МОН не ги вклучи во конкурсот за стипендии во дуално образование