МОН најави реконструкција на основни и средни училишта за време на летниот распуст

За време на летниот распуст, Министерството за образование и наука ќе ги интензивира градежните активности во основни и средни училишта во новата учебна година.

Оттаму информираат дека со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата.

„Градежните активности предвидуваат подобрување на условите за настава, подигнување на енергетската ефикасност на објектите, како и унапредување санитетско – хигиенските услови и пристапноста на објектите за учениците и лицата со попреченост“, соопштуваат од МОН.

Од Министерството известуваат дека една од покрупните инвестиции ќе се реализира во основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани во општина Долнени, каде ќе се изврши реконструкција на кровот, фасадата, санитарните јазли, а ќе се поставуваат и пристапни рампи за учениците и лицата со попреченост.

Слични активности, како што најавува МОН ќе има и во „Васил Главинов“ во Чаир, „Форино“ во Гостивар, „Ристе Ристески“ во дебарско Могорче, „Св. Наум Охридски во Пештани во Охрид“ и „Елпида Караманди“ во Битола.

Темелна реконструкција ќе се изврши во кичевското основно училиште „Мирко Милевски“, која е веќе започната, а ќе се заокружи кон крајот на тековната година. За крајот на тековната година е планирано и да се ќе заврши реконструкцијата на дел од објектот на средното техничко училиште „Гостивар“ каде се сместени работилниците и просториите за кабинетска настава.

Исто така, за време на летниот период, додаваат од МОН, ќе започне и санацијата на кровот, внатрешните ѕидови, плафони и осветлувањето во основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Крсте Мисирков“ во Куманово.