МОН: Должни сме да обезбедиме матура, бојкотот е неоправдан

Министерството за образование и наука и Владата се должни и ќе ја спроведат матурата за да обезбедат можности за сите над 14.000 учениците коишто ја пријавија да ја полагаат и да продолжат да учат и да се запишат на факултет. Неодоговорно е да им се ускрати правото на оние кои решиле да продолжат на факултет, соопштија од Министерството, по повикот на Сојузот на средношколци да продолжи бојкот на настава од страна на матурантите и следната седмица.

„Учениците коишто не планираат да продолжат на факултет, имаат избор да полагаат само училишна матура и стручен испит. Државната матура оваа година ќе се полага по скратена и променета методологија како што МОН уште на почетокот на учебната година одлучи, а со тоа беа сложни и матурантите и средношколските здруженија и наставниците и родителите. Потсетуваме дека се направени измени и во постојната концепција, воведени се два дополнителни изборни предмети- географија и информатика, и ја усогласивме проектната задача за да биде интересна за матурантите. И тоа го направивме заедно со средношколците“, соопштија од МОН.

Оттаму инфомираат дека работна група во која учествуваат претставници на средношколците и Државниот испитен центар ќе подготват целосно нова концепција за државна матура, која ќе се користи веќе од идната година.

Додаваат и дека „бојкотот на група матуранти не оди никому во прилог и во овој случај целосно е неоправдан. Бојкотирање на оваа суштинска должност и одговорност е неприфатлива“.

Од Сојузот на средношколци пак соопштија дека е  одлучено да продолжи бојкотот на наставата од страна на матурантите и следната недела. Тие бараат да се намали бројот на предмети кои матурантите треба да ги полагаат во рамки на државната матура. Од четири предмети учениците да полагаат два предмети, и тоа мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот. Покрај ова, тие бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.