МОН: Апсурдно е да се протестира против напредок во образованието

Апсурдно е да се протестира против напредок во образованието, соопштија од Министерството за образование и наука по денешните протести на иницијативата „Учебници и настава мора да има“ на кои излегоа родителите кои се револтирани од најавите за дигитализација на учебниците.

Од МОН велат правото на протест на граѓаните е уставно загарантирано, но сметаат дека причината поради која се протестира е неоправдана.

„Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив, примената на електронски уред за совладување на одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување на податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства.

Новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките од истиот, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните 5-6 години. Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците“, се наведува во соопштението на МОН.

Оттаму додаваат дека со новиот Закон за учебници ќе се обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а ќе се постигне и поголема инклузивност бидејќи учебниците ќе бидат достапни во аудио формат, но и на Брајово писмо.

Исто така посочуваат дека преку поставување повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците и вклучување на граѓанскиот сектор, ќе се елиминира веројатноста за појава на несоодветни содржини и грешки во нив.

„Промените се и одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации на ученици. Токму поради нивниот интерес и обезбедување поквалитетно образование, а со тоа и подобра иднина, да бидеме сплотени во заложбите и да им овозможиме развој и целосна реализација на личниот потенцијал во границите на сопствената земја“, дополнуваат од МОН.

Со заложба за распишување задолжителен референдум против донесување на новиот Закон за учебници, родителите од иницијативата „Учебници и настава мора има“ денеска излега на марш низ Скопје и мирни протести низ повеќе градови.  Низ Скопје се маршираше со транспаренти „Законот не ги решава проблемите кои се актуелни во образованието“, „Законот не е во интерес на родителите и наставниците“, „Законот генерира нови проблеми во образованието“, но и „Не за ССО“. Се пееше песната „За сите деца“, а се скандираше и „Оставка. Долу Царовска“.

[Галерија] Марш низ Скопје против најавената дигитализација на учебниците