360 степени: Учебници се продавале на државата по многу повисокa ценa отколку онаа во книжарница

Дел од учебниците во основното образование биле продавани на државата по далеку повисока цена од таа за која истите учебници можат да се купат од книжарниците на издавачките куќи, покажува сторија на „360 Степени“. Оваа ситуација, според нив, фрла сомнеж дека издавачките куќи учебниците ги продаваат на Министерството за образование и наука по „напумпани“ цени од пазарната.

Од 360 степени забележале дека учебникот „Математика“, за осмо одделение од „Арс Ламина“, на сајтот на издавачката куќа се продавал по цена од 623 денари, а државата лани го платила 892 денари без ДДВ. Слични разлики имало и за други учебници. По прашањата од новинарите до издавачката куќа, неколку часа подоцна цените на сајтот и во книжарниците за учебникот поскапеле и се приближиле до цената по која минатата година им биле продавани учебниците на Министерството.

Друга состојба која се случувала е и големата разлика во цените по кои се продавале учебниците на државата изминатите години. На пример, учебникот по математика за осмо одделение од „Арс Ламина“ во 2016 државата го купила за 712 денари. Цената се намалила во 2018, за во 2020 пораснала на речиси 900 денари откупна цена. Учебникот по биологија за осмо одделение од „Арбериа Дизајн“ пак, во 2016 чинел 712 денари, а лани откупната цена била речиси 1.000 денари. Слични се вариациите и кај други учебници и издавачи.

Целата сторија на 360 Степени погледнете ја во видеото во продолжение: