МНР не гледа незаконска промоција со јавни пари во медиумите, но ќе ја прекине кампањата

По реакцијата на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) дека медиумската промоција на Министерството за надворешни работи (МНР)  за претседавањето со ОБСЕ со јавни пари е спротивна на забраната за владини кампањи, МНР излезе со соопштение дека овој потег не е спротивен на законските практики, пренесува Мета.

Според МНР, претседавањето со ОБСЕ претставува најголемиот надворешно-политички проект со кој Северна Македонија ќе се претстави во меѓународната јавност и истиот има значење и влијание и за внатрешно-политичкиот развој на земјата.

„Како што веќе информиравме, ангажирање на агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој Претседавач со организацијата, и активностите кои се предвидени не се за пи-ар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја – претседавач со најголемата регионална безбедносна организација. Покрај Стратешкото комуницирање, ангажирањето на Агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на Министри за надворешни работи“, се вели во соопштението на МНР.

Од министерството појаснуваат дека во рамките на првите денови од преземањето на претседателството со ОБСЕ биле привремено поставени веб-банери кои се од информативно-едукативен карактер и дека преку истите на ниту еден начин не се промовира МНР ниту неговата работа.

„Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите“, велат од МНР.

Сепак, од министерството рекоа дека по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, предвидената еднонеделна кампања преку користење веб-банери ќе биде прекината.

Дополнително, МНР вели дека во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор.