ЗНМ: Медиумската промоција на МНР со јавни пари е спротивна на забраната за владини кампањи

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денес реагира на постапката на Министерството за надворешни работи од каде, како што велат, преку спроведена јавна набавка инвестирале средства на граѓаните за кампањи во приватни медиуми за промоција на претседавањето со ОБСЕ.

„Според јавно достапните информации МНР ќе потроши околу 100.000 евра за промотивни активности поврзани со претседавањето на Македонија со ОБСЕ, за што е склучен е договор со приватна маркетинг компанија“, реагираат од ЗНМ.

Од Здружението потсетуваат дека ваквата постапка од страна на МНР директно е во спротивност со претходна владина одлука од 22 август 2017 година со која практично се става мораториум на владините реклами во приватните медиуми.

„Оваа одлука, која ја надополнува активната законската забрана за владини кампањи, им укажува на сите органи на државната управа како и на единиците на локалната самоуправа да престанат да се рекламираат во комерцијални телевизии и радија, дневни и неделни весници, билборди, интернет портали и сл. Алармираме дека праксата за плаќање на владини кампањи во медиумите со пари на граѓаните, освен што е незаконска и во спротивност со претходни владини одлуки, истата може да ги поттикне и останатите јавни институции да ја применуваат, со што дополнително би се нарушил кревкиот медиумски пазар“, апелираат оттаму.

Според ЗНМ, оваа праска не може да се смета за поддршка на медиумите, туку обид за нивно корумпирање и истовремено промоција на политичка пропаганда на штета на јавниот интерес.