ЗНМ: Политичарите да не омаловажуваат новинари во своите јавни говори

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) денеска реагираше на, како што велат, непримерната комуникација на претседателот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку која јавно се омаловажуваат новинари што известуваат за билатералниот спор со Бугарија.

Тие посочија дека тој, во својот партиски говор на митингот што се одржа во саботата истакнал „Нè лажеа дека не преговараат за јазикот, дека не преговараат за идентитетот, а денес оние платени, за волја на вистината, малкумина владини пера, преку мали колумнички, нè убедуваат дека триумфирале по којзнае кој пат“.

„Укажуваме дека јавното етикетирање на новинарите и на медиумите, посебно од страна на претседатели на политички партии, негативно се одразува на слободата на медиумите и придонесува за цензура и самоцензура. Вакви јавни наративи директно ги поттикнуваат партиските симпатизери да повикуваат на говор на омраза кон новинари и медиумски работници на социјалните мрежи. Агресивниот говор на омраза и заканите кон новинари може да резултираат и со дела од омраза, со што дополнително може да се загрози безбедноста на новинарите, а со тоа и правото на информирање на граѓаните да примаат информации за важни општествени процеси“, реагираат од ЗНМ.

Од здружението потсетија дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и дека не смее да биде под притисок на политичарите, бидејќи на тој начин се влијае јавниот интерес да се претвори во партиски, а тоа, како што додаваат, да биде на штета на граѓаните и на нивното право на информирање.