ЗНМ: Претставка до Судски совет за повреда на правото на колегата Кристијан Ландов да известува од судско рочиште

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира за попречувањето на новинарот Кристијан Ландов да ја врши новинарската должност минатата недела додека бил во Граѓанскиот суд во Скопје, каде што бил присутен како јавност на закажаната главна расправа.

„По започнувањето на расправата новинарска екипа на ‘Макфакс’ и ‘А1он’ била вербално нападната од судијката Наташа Тодорова, со закана која може да се протолкува исклучиво како обид за цензура и попречување при вршење на новинарската професија. Откако започнала судската расправа, судијката го легитимирал колегата Ландов како новинар, му ја побарал новинарската легитимација и откако било утврдено дека е уредно издадена од работодавачот, седнал во делот определен за јавност. Кога судијката завршила со евидентирање на останатите присутни, без било какво објаснување со висок тон му ги упатила зборовите: ‘Што правите вие? Соберете тоа лаптопот, одма! Да не ви го одземам и да го носам кај претседателот на судот. Собирајте тоа, не може’. Ландов појаснил дека лаптопот не снима и нема таква можност, туку го употребува само за пишување забелешки од судењето со цел да се избегнат интерпретации кои нема да одговараат со тоа што навистина се случувало. Судијката, без објаснување повторно се обратила со висок тон со зборовите: ‘Нема што вие да фаќате забелешки, судот води записник, не вие. Собирајте се!’, соопштуваат денес од ЗНМ.

Од ЗНМ остро го осудуваат, како што велат, непрофесионално однесување на судијката Наташа Тодорова кон новинарот Ландов.

„Сметаме дека оваа постапка е несоодветна и претставува обид за цензура. Очекуваме од Судскиот совет до кој од новинарот Ландов, помогнат од ЗНМ, беше доставена претставка во име на колегата Ландов, да преземе мерки кон неодговорната судијка со цел да не дозволи ваква непримерна комуникација во иднина но и да ги заштити правата на новинарите“, порачуваат од Здружението.