Многу полиција, провокатори и илјадници демонстранти – протест за правда пред Собрание

Во присуство на многу полиција, илјадници демонстранти излегоа на втор протест против полициската бруталност, за да побараат правда за Mартин Нешковски, момчето кое беше убиено пред четири години од полициски специјалец. Со кренати раце,  запалени свеќи и пеење на химната пред Собрание, тие го искажаа својот револт од вчерашната „бомба“ на опозицијата која беа објавени аудио записи за прикривање на вистината за убиството на момчето. Кон крајот на инаку мирниот протест, откако се разотидоа дел од демонстрантите, девојките со жив штит ги бранеа полицајците од провокатори кои и покрај повиците за ненасилство, почнаа да фрлаат со шишиња кон полицијата.

Иако видно револтирани од полициската бруталност во текот на вчерашниот протест пред Владата, демонстрантите денеска излегоа во уште поголем број. Тие кон вработените во Собрание и кон полицијата извикуваа „Како си ги гледате децата“, „Убијци“, „Нема правда, нема мир“, „Долу диктатурата“ и уште еднаш побараа оставка од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Братот на Нешковски, најави нов протест утре пред Собрание.

„До кога ќе се кријат? Ако нема институции, народот ќе им пресуди. Денес беше Мартин, утре којзнае кој, затоа сме сите тука. Ве повикувам и утре во шест“, порача Александар Нешковски.

Демонстрантите првично требаше да се соберат пред Владата, но уште на почетокот, полицијата ја блокираше улицата и не им дозволи пристап. Еден од нив беше приведен, додека останатите беа револтирани поради кршење на нивното уставно право за протест. Тогаш, дел од полицијата со кордон ги опколи граѓаните кои сакаа да се придвижат кон Фонтаната во Парк.

Веднаш после блокадата, демонстрантите тргнаа кон Собранието кога почнаа да ги повикуваат минувачите да им се приклучат. Голема група на граѓани им се придружи кај Собортниот храм.

Тие порачаа да престане диктатурата и полициската бруталност кон народот, а со цел протестот да не ескалира како вчера, демонстрантите делеа флаери со насоки до граѓаните за тоа како треба да се однесуваат на насилни протести.

„Се фалеа на дела, на успеси. Ќе им порачаме едно нешто, единственото нешто во кое успеаа е да го сплотат народот. Заедно сме посилни. Кога почнаа првите протести за Мартин Нешковски, првата вечер долго се славеше и паметеше како вечер на будење на граѓаните без разлика на нивната партиска, религиска и етничка определеност. Тој круг почна тогаш и симболично, баш преку трагедијата на Мартин Нешковски, тој круг се затвора и еднаш засекогаш, ќе кажеме крај на неправдата и дотогаш нема да има мир“, рече активистот Артан Садику.

По вчерашниот протест беа повредени десетици цивилни лица, како и полициски службеници, а голем број граѓани преку фотографии и видеа, преку социјалните мрежи алармираа на насилност од страна на полицијата. Таков беше случајот со студентите во читалната „Браќа Миладиновци“, каде насилно упаднаа 50 специјални полицајци и барале демонстранти меѓу нив. Случајот го потврди и министерката Јанкуловска со образложение дека мерките биле легитимни.

[Видео] Дискусија: Протестите за правда и полициската бруталност

Протести денеска и во Битола и Прилеп

Освен во Скопје, денеска во 6 часот попладне на протести против полициската бруталност излегоа и граѓани од Битола и Прилеп. Во Битола околу илјада демонстранти, со крената транспаренти на кои пишуваше „И јас сум Мартин“, маршираа од градското шеталиште, Широк Сокак се до зградата на битолската полиција и општинската зграда. Присутните им даваа цвеќе на полицајците и фрлаа со јајца по општинската зграда.

Во Прилеп пак неколку стотици граѓани се собраа на плоштадот „Александрија“, маршираа низ центарот на градот и се задржаа пред општинската зграда и прилепската полициска станица.

За утре се најавени протести во Струмица, а во петок протести почнуваат во Кавадарци и Куманово.