„Долу диктатурата“- порачаа илјадници демонстранти пред Собрание

„Долу диктатурата“, порачаа илјадници граѓани пред Собранието на протестот против полицискта бруталност. Откако полициските кордони не им дозволија да стигнат до Владата, каде што првично преку социјалните мрежи беше најавен денешниот протестот, насобраните граѓани, главно млади луѓе, се упатија кон собраниската зграда.

Утре во шест повторно овде“, порача Александар Нешковски, братот на Мартин , чие убиство и обидот на полицијата за негово затскривање беа повод за низа протести, како сега, така и пред четири години.

Нешковски порача дека нема веќе да се кријат и предупреди дека „ако е денес Мартин, утре ќе буде некој друг“.

Со едноминутно молчење присутните оддадоа почит на Мартин, кој беше убиен од специјалецот Игор Спасов, за време на прославата за победата на ВМРО ДПМНЕ, на парламентарните избори пред четири години.

Присутните пред Собранието претходно заедно ја испеаја македонската химна, а дел од нив запалија свеќи за помен на Мартин.

Ова е втор протест, по вчерашниот кога десетици демонстранти беа приведени и имаше голем број повредени. Протестот кој вчера почна мирно, ескалираше синоќа по 21 часот кога полициските сили се обидоа да ја растераат насобраната толпа пред Владата.