[Видео] Дискусија: Протестите за правда и полициската бруталност

Што се случуваше на вчерашниот протест пред Влада, кои беа причините за протестот, каков беше односот на полицијата кон демонстрантите, кој провоцираше, а кој се бранеше?

Ова се дел од прашањата на кои се дискутираше во отвореното студио на Радио МОФ, ден по протестот во кој беа повредени десетици лица откако неколку илјади демонстранти излегоа пред Владата револтирани од обидот на власта да ја сокрие вистината околу убиството на Мартин Нешковски, пред 4 години.

Во прво лице за синоќешните случувања, во студиото на Радио МОФ зборуваа Александар Донев, Калин Марковиќ- Масниот, Љупчо Стојковски и Џабир Дерала.

„Поривот беше граѓански и ја баравме правдата на улица“, вели Александар Донев за вчерашниот протест. Единствен начин за да се сменат работите според него е граѓаните во голем број, на мирен начин, да излезат на улица и да го искажат своето незадоволство.

„Овој протест е против полициската бруталност и не треба да се решаваат со бруталност“, додаде Донев.

Говорниците истакнаа дека иако имало инфилтрирани провокатори, сепак според нив, синоќа полицијата употребила прекумерна сила врз мирните демонстранти. За своите искуства од протестот и синоќешната полициска акција раскажуваа Љупчо Стојковски и  Калин Марковиќ Масниот.

„Видов млади полицајци кои знаат дека се дојдени да вршат работа против своја волја“, забележа Калин Марковиќ Масниот.

Џабир Дерала од Цивил соопшти дека тројца  членови на здружението се приведени по вчерашниот протест, по што се задржа на правата и должностите на припадниците на полицијата при протести.

Целата дискусија проследете ја во продолжение: