Протестот на кој спонтано се собрaа огромен број граѓани пред Владата, по објавената бомба на СДСМ за случајот Мартин Нешковски, заврши со насилно разбивање на демонстрантите од полицијата. Она што остана пред Владата се остатоци од јајца, шишиња и камења што ги фрлаа демонстрантите за време на протестот.
Студентски пленум пак, инфомираше дека во читалната „Браќа Миладинови“, влегле 50 желки додека бркале некој од демонстрантите и им се заканувале на студентите кои биле во читалната дека ќе добијат кривични пријави под никаква основа.
Атмосферата стана тензична во вечерните часови кога полицијата со сила се обиде да ја разбие толпата користејќи водени топови. На Фејсбук настанот „Правда за Мартин Нешковски“, преку кој се организираа поголемиот дел од граѓаните, стои дека протестите ќе се одвиваат секој ден, до 26 мај пред Влада.
„Денот беше долг, исполнет со гнев и правда. Полицијата тепаше, бркаше и го апсеше својот народ, испрати водени топови и пендреци. Денеска дознавме дека сите овие години бевме на вистинската страна. Да се избориме за живот! Секој ден во 6! Се гледаме утре!“, пишува во настанот.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска објави снимки со кои обвини дека целиот државен врв знаел за убиството на ова младо момче и се обидел да го сокрие и релативизира. Ова поттикна граѓани, активисти, студенти масовно да се соберат пред Владата, во 18 часот, на чело со братот и мајката на починатиот Нешковски.
Во еден момент, тие ја прескокнаа оградата пред Владата и седнаа на скалите извикувајќи „Убијци“,„Оставка“, „Излези Никола“. Дел од знамиња беа спуштени на пола копје, во знак на жалост за починатото момче, а двајца полицајци, кои беа дел од кордонот, ја симнаа својата униформа и се придружија кон толпата.
Тогаш, граѓаните почнаа силно да ги повикуваат и останатите полицајци да ги спуштат штитовите и да им се придружат. Неколку минути подоцна, дел од демонстрантите почнаа да фрлат јајца и празни шишиња кон Владата извикувајќи „Ружна ви е Владата“ и „Кому му служите“.
Во меѓувреме, на Твитер се појави фотографија на која е прикажана министерката Гордана Јанкуловска како од страна ја следи вечерашната ситуација.
Што праи момаков по тренерки, панцир и шлем? RT @luck15c: Бркото да ти била цело време у владата… #протестирам pic.twitter.com/XP2wwZ3jlL
— edencoek ™ (@edencoek) May 5, 2015
Во судирот помеѓу полицијата и демонстрантите имало и повредени, но од МВР велат дека со повеќе информации ќе излезат во текот на утрешниот ден.
Во продолжение, видео на порталот mkd.mk од атмосферата за време на вечерашниот протест, во моментот кога полицијата се обиде со сила да ги разбие демонстрантите.