Министрите го испромовираа, па го заборавија – Порталот за отворени податоци остана неискористена можност

Во прес-салата на Владата, во декември 2018 година, пред новинарите беше промовиран порталот за отворени податоци data.gov.mk. Се работеше за нова платформа која требаше да биде едно, централизирано место каде ќе се објавуваат отворените податочни сетови од македонските државни институции во формат кој ќе биде лесно применлив за статистичарите, истражувачите и новинарите.

Меѓу промоторите беа тогашните министри за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, и за транспарентност, отчетност и комуникации, Роберт Поповски. Тие се пофалија за сите напредни можности кои ги нуди овој портал, додавајќи дека преку него транспарентноста и отвореноста на институциите ќе се стави на едно многу повисоко ниво.

„Порталот за отворени податоци е жива материја и постојано ќе се зголемува бројот на институции и бројот на податоци. Тоа ќе биде процес кој никогаш нема да заврши. Тоа ќе значи и дополнителен притисок од јавноста за поголема транспарентност и отворање на податоците. Тоа е здраво, ќе ги мобилизира институциите, ќе ја крене свесноста за важноста од транспарентноста кај сите институции и на крајот ќе ја направи власта подобра“, рече тогаш Министерот Манчевски.

Но, полнењето на порталот не се одвиваше како што беше најавено. Кога беше промовиран имаше 115 податочни сетови, а денеска, две и пол години подоцна, на овој веб-сајт можат да се најдат вкупно 281 податочни сетови.

Истовремено, иако на порталот беа предвидени и други функционалности како делови од сајтот за „апликации“, „истражувања“ или пак „барања за податоци“, тие до ден денеска се целосно празни.

Според статистиката поставена на самиот портал, најголем број од податочните сетови се објавени во периодот од 24 септември 2018 до 11 февруари 2019 година, што се совпаѓа со промоцијата на сајтот. После тој датум се објавувале по еден до два податочни сетови неделно, со исклучок на декември 2019 кога се објавиле преку 30. Последниов месец, пак, не е објавен ниту еден нов податочен сет.

Истовремено на порталот може да се забележи дека се наведени 57 организации во базата на отворени податоци, но не сите од нив навистина имаат објавено податочни сетови на сајтот. Иако институциите како Агенцијата за млади и спорт, министерствата за култура, транспорт и врски, локална самоуправа, Фондот за иновации и технолошки развој, или пак Дирекцијата за заштита и спасување ги има на списокот институции, од нив на порталот нема ниту еден податочен сет.

Дел од институциите имаат, пак, само по еден сет податоци: Владата (Трошоци на функционерите), Министерство за образование (Регистар на основни училишта), или пак Централниот регистар (Субјекти во трговскиот регистар за 2017 година).

Најмногу податочни сетови досега има објавено Министерството за труд и социјална политика, вкупно 23, како и министерствата за внатрешни работи и финансии, по 22.

Дел од институциите застапени на порталот

Во Стратегијата за отворени податоци (2018-2020) на Министерството за информатичко општество и администрација стои дека  „државните институции во Македонија електронски ќе ги отворат податочните сетови, на располагање и без трошок за јавноста преку порталот за отворени податоци“, како и дека порталот „ќе се користи од страна на Владата за информирање во врска со предизвиците, прашањата и политиките поврзани со нејзината посветеност на отвореноста и транспарентноста“.

Дополнително се наведува и дека „секоја институција треба да биде одговорна за своите податоци објавени на порталот за отворени податоци, вклучувајќи ја усогласеноста со политиките за отворени податоци, отстранувањето на осетливи елементи од податоците пред објавувањето, конвертирање во отворени формати, обезбедување на метаподатоци од висок квалитет и редовна проверка и ажурирање на податоците откако се објават“.

Проблематичен е и квалитетот и употребната вредност на самите податоци кои се објавуваат. Она што може да се забележи е дека мнозинството од податоците објавени на оваа интернет страница се за 2017 или 2018 година, што се совпаѓа со времето кога беше промовиран порталот. По тие првични објави најголем број институции не се потрудиле да објават понови податочни сетови за 2019 или 2020 година, а кај повеќето недостасуваат и информации за состојбите пред 2017 година. Ова оневозможува истражувачите лесно да стигнат до најновите податоци, или пак да прават споредувања на податоците низ годините.

Најпосле, не функционира ниту официјалната мејл адреса за контакт поставена на порталот. Во тоа се уверивме откако се обидовме да испративме прашања, по што добивме повеќе известувања дека мејлот не може да биде испратен. Не се отвораат ниту линковите кои водат кон „услови за користење“ или пак „политика за приватност“.

Иако испративме прашања до Министерството за информатичко општество, до објавата на текстот не добивме никаков одговор.

Политичката волја виновна за недоволната искористеност на порталот

Порталот за отворени податоци, беше изработен во рамки на проектот „Поддршка на процесот на реформи на јавната администрација“, имплементиран од Центарот за управување со промени (ЦУП).

Од оваа граѓанска организација велат дека бројката на податоци не е најважна, туку типот на податоците и колку тие ќе користат на граѓаните и општеството. Додаваат дека за граѓаните, на пример, најважни биле податоците од катастар, за јавните трошења и квалитетот на училиштата и здравствените установи, како и можноста овие податоци да се споредуваат по општини.

„Порталот е направен според најдобрите светски примери. Тоа е напреден портал кој има и повеќе функционалност кои сега не се користат. Нема потреба да се менуваат функционалностите на порталот, инфраструктурата е одлична. Недоволната искористеност на порталот е повторно во политичката волја, посветеноста на институциите кои ги поседуваат податоците кои се најважни за граѓаните и капацитетот на службениците и институциите како целина“, велат од ЦУП.

Тие посочуваат дека при нивните контакти увиделе дека институциите се соочуваат со голем предизвик во собирање и структуирање на податоците, а потоа и објавување во соодветниот формат. Клучно, според нив, е да постои политичка волја која би била пренесена на службениците како задолжителна задача.

„Така прибирањето и објавувањето на податоците нема да биде перципирано како дополнителна обврска за службениците во институциите бидејќи е нова активност. Понатаму за службениците постои и интерен предизвик да ги соберат податоците кои се потребни од различни организациски единици во самите институции. Постојат и податоци кои се собираат или се собрани, но не се дигитализирани или не се во соодветен формат. На институциите им недостигаат програми за градење капацитети за службениците да научат како соодветно да ги собираат податоците“, нагласуваат од ЦУП.

За динамиката на објавување податоци велат дека имаат разбирање дека поради пандемијата со Ковид-19 ресурсите на институциите биле насочени кон здравствено-општествената криза. Од организацијата сепак потенцираат дека, и покрај сите потешкотии во објавувањето на податоците, целта е постигната – во јавноста започнала дискусија за отвореноста на институциите преку употреба на отворени податоци и нивната вредност и потенцијал за напредок во општеството.

Да им се даде живот на отворените податоци

Порталот за отворени податоци не е новост во Северна Македонија. Тој постоеше и претходно како opendata.gov.mk, па otvorenipodatoci.gov.mk. Кон крајот на 2018 година беше извршено освежување на сајтот, ребрендирање и мигрирање на нова адреса.

Сепак, како и други вакви институционални алатки, по промоцијата интензитетот на објавување нови податоци се намалува, наместо да расте. Слични проблеми имаше и со Алатката за отчетност на јавните функционери која лани цела година не беше ажурирана со нови податоци.

Според Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации жално е што на data.gov.mk има толку малку податоци, кои често знаат да бидат застарени или бескорисни. Тој смета дека процесот на споделување отворени податоци не смее да се остави да тече стихијно и дека е потребна поголема промоција, па и задолжување на институциите со административни мерки.

„Сите овие сајтови имаат иста судбина поради немање системски мерки, туку вакви ад-хок решенија: ‘ајде денеска отвораме портал, ставете кој што има и толку’. Не сфаќаат дека тоа е секојдневна работа. А замислете колку бази има што лежат во институциите. За жал, кај нас така се воспоставува пракса – со административни мерки, наредби, заклучоци од Влада, па потоа институциите да започнат да го практикуваат на редовна основа“, посочува тој.

Причината за ваквата состојба тој ја гледа во тоа што и понатаму не е разбран концептот на отворени податоци – ниту од институциите, кои треба да ги отворат податоците, ниту од корисниците и граѓаните.

„Не е поентата само да ги лупнеш податоците во отворен формат, бидејќи и тие бараат одредено познавање од информатичката технологија за да се користат. Затоа е потребно претходно една кратка анализа што значи тој сет. Па потоа некој, ако сака, да ги користи за понатамошни цели. Кај нас не сме виделе некои анализи во кои се вкрстуваат податоци од различни бази, или пак од нив да прават софтвери и интерфејси кои ќе ни помагаат – на пример, сега да погледнам во моментов каде има најгуст сообраќај, или пак во кој ресторан инспекцијата нашла стаорци, салмонела, бубашваби… како што има примери по светот. Тоа е поентата на користењето на отворените податоци. Да им се даде живот, да им се даде значење за да им го олесни животот на граѓаните и работата на фирмите“, објаснува Филков.

Филков, кој со Центарот за граѓански комуникации континуирано ја мониторираат транспарентноста на институциите, вели дека таа генерално се зголемува, но и понатаму повеќе се сфаќа како обврска, која зависи од декрети и наредби, отколку како секојдневие во институциите. Тој додава дека како организација сè уште најголем дел од информациите ги добиваат преку барање за слободен пристап до информации, наместо многу полесно да ги добиваат од самите интернет-страници на институциите.

Даниел Евросимоски