Институциите ја подобриле активната транспарентност, Министерството за одбрана најдобро, општините Пласница и Врапчиште најлоши

Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините за 2021 година изнесува 63% (од максимално можни 100%), што претставува подобрување за 5 проценти во споредба со минатата година, покажа новото истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Податоците покажуваат дека министерствата и Владата просечно објавуваат 79% од потребните информации, што е минимално подобрување од ланските 77% активна транспарентност, додека општините, петта година по ред, имаат помала активна транспарентност од министерствата објавувајќи 60% од потребните информации, но бележат пораст од 5,5 процентни поени во споредба со лани.

Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации. Сепак, постои и законска основа за активната транспарентност на институциите, која се наоѓа, пред сè, во Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, но и во низа други закони.

За првпат од 2016 година, откако се изработува индексот, дури две институции добија максимални 100%, односно ги објавуваат сите предвидени информации. Станува збор за Министерството за одбрана, кое и лани беше на првото место, и Општина Карпош, која лани беше трета. Меѓу првите пет позиции се наоѓаат уште и општините Крива Паланка и Валандово, како и Министерството за финансии.

Најлоши според активната транспарентност оваа година се општините Пласница и Врапчиште, кои објавиле само 10,1% од информациите. Во последните пет места се наоѓаат уште и општините Липково, Чучер Сандево и Арачиново.

Меѓу регионите, и годинава на прво место е Источниот Регион (со 74% активна транспарентност), додека на последно останува Скопскиот Регион (со 49%).

Најмалку информации министерствата објавуваат за финансиите (само 60% од можни 100%), а општините за прашањата од нивна надлежност (42% од можни 100%).

Од ЦГК соопштија дека на барањата за слободен пристап до информациите од јавен карактер што им беа испратени на сите во ист ден и со исто прашање, општините одговориле во просек за 17 дена (лани за 24 дена), а министерствата одговориле за 16 дена (лани за 26 дена). 39% од институциите одговориле подоцна од законскиот рок, прекршувајќи го законот.

Од годинава, активната транспарентност е претставена на едно место, на специјално изработената веб страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму.