Владината алатка за трошоците на функционери една година без нови податоци, лани се трошело повеќе од 2018

Пред две и пол години, на посебна пресконференција, преку презентации и графикони, Владата ја објави новата алатка за отчетност на службените трошоци на јавните функционери. Тогашниот Министер за транспарентност, отчетност и комуникации, Роберт Поповски изјави дека повеќе нема да има криење на трошоците од граѓаните, дека функционерите во иднина ќе мора да внимаваат кога ќе ги трошат јавните пари, а најави и дека оваа алатка ќе се потруди да се применува и од законодавната и локалната власт.

Но, кога денеска ќе се отвори оваа владина алатка, последните податоци кои може да се најдат се од ноември 2019 година. Скоро една година на оваа платформа нема објавено податоци за трошоците на функционерите од власта. Дополнително нема ниту некаква најава дека ваквата алатка некогаш ќе почнат да ја користат и пратениците, или пак градоначалниците.

Недостатокот на податоци предизвикува и проблем при споредување на трошоците на функционерите во различни години. Па така, 2017 година со 2018 и 2019 година може да се спореди само низ месеците од јуни до ноември. Додека 2018 и 2019 година може да се споредат од јануари до ноември.

Од достапните податоци, додека првата година откако започна да функционира оваа платформа беше регистрирано намалување на трошоците, лани владините функционери службено потрошиле малку повеќе во споредба со 2018.

Додека генерално, сумите од јануари до ноември се слични – 30,1 милиони денари во 2019 и 29,7 милиони денари во 2018 година, сепак може да се утврди дека одредени владини сектори трошеле многу повеќе, додека некои прилично заштедиле.

Функционерите кои имале најмногу службени трошоци во 2019 (јануари-ноември)

Владата и Секретаријатот за европски прашања имале најголемо зголемување на трошоците изминатата година. Двете институции потрошиле преку 1 милион денари повеќе споредено со 2018 година.

Меѓу другите „трошаџии“ биле и функционерите од Министерството за образование и наука, кои минатата година имале двојно поголеми трошоци од 2018 година – од 670 илјади денари потрошената сума скокнала на 1,3 милиони денари.

Поголема разлика во трошоците може да се забележи и кај функционерите во Министерството за информатичко општество и администрација и Министерството за култура.

Институциите кои имале најголемо зголемување на трошоците на функционерите во 2019

Службените трошоци во 2019 на функционерите од владините институции каде имало најголемо зголемување на трошоците

Во меѓувреме, најголеми заштеди на јавни пари направиле функционерите во Министерството за здравство, кои успеале трошоците да ги намалат за скоро милион денари – од 1,24 милиони денари во 2018, на 350 илјади денари во 2019 година.

Значителни заштеди имало и во министерствата за внатрешни работи, финансии, правда и животна средина.

Институциите кои имале најголема заштеда на трошоците на функционерите во 2019

Службените трошоци во 2019 на функционерите од владините институции каде имало најголема заштеда на трошоците

Споредбено по тип на трошоци, функционерите во 2019 повеќе потрошиле на службени подароци, угостителски услуги и хотелско сместување во странство и на дневници во странство, додека заштедиле на угостителски услуги во македонските ресторани – скоро еден милион денари помалку отколку во 2018.

До Владата испративме прашања за тоа кои се причините што нема нови податоци за службените трошоци на функционерите и кога би се ажурирала интернет-страницата, но до објавување на текстот не добивме никаков одговор. Периодот во кој нема објавено нови податоци се совпаѓа со формирањето на техничката Влада, што би дало добар увид во тоа како се менувале службените трошоци со промените во министерските функции.

Дополнително, во првата половина на годината започна и пандемијата со коронавирусот, што би требало да предизвика значително опаѓање на службените трошоци за патувања во странство.

Одговори не добивме ниту на нашите прашања до каде е најавеното вклучување во оваа алатка на законодавната и локалната власт, како и дилемата во чија надлежност ќе биде сега оваа платформа, откако се укина министерството без ресор за транспарентност, отчетност и комуникации со кое раководеше Роберт Поповски.

Даниел Евросимоски