Министерство за здравство: Вакцините не се со истечен рок

МРП вакцините со кои се вакцинираат децата не се со истечен рок на траење, уверува Министерството за здравство по бурните реакции и изразената недоверба во јавноста.

„МРП вакцините Priorix со кои се вакцинираат децата во Скопје и во другите градови од земјава се набавени со тендерот распишан 21.10.2016 година, со склучени договори на 21.03.2017 година. Вакцините кои се во употреба се Priorix, се со сериски број АМЈРД512АА  со рок на траење 07.2019 година и сериски број A69CE583A со рок на траење 05.2019 година“, стои во соопштението на министерството.

Оттаму информираат дека „во тек е континуирана набавка на вакцини, за период од јули 2018 до јуни 2020 година со повеќегодишна јавна набавка, кое Министерството за здравство ја реализира секои две години, а техничкиот дијалог за оваа набавка е објавен на 27.10.2018“.

Забраната за оставање на невакцинираните деца во градинките ги разлути нивните родители. Неколкумина синоќа протестираа пред Министерството за здравство од каде порачаа дека нема да ги поколебаат најавените високи парични казни и дека ќе ги оставаат децата во градинките и без дозвола.

До Народниот правобранител веќе пристигнала претставка од родител поради прекршување на правата на неговото дете. Од „Меѓаши“, пак, велат дека отпорот на родителите кон вакцинирањете е оправдан поради неусогласените ставови што ги добиваат од педијатрите и матичните лекари, како и недостигот од соодветна едукативна кампања на министерството.

Епидемија на мали сипаници е прогласена на територијата на Скопје. Денеска е значително помал одзивот на родители кои ги однеле децата на вакцинација. До 13:00 часот вакцинирани се само 28 деца, а во целост се вакцинирани 1,018 деца. Од министерството велат дека засега нема нови случаи на заболени лица од морбили (мали сипаници).

Вакциналните пунктови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, денеска (05.01.2019 година) и утре (06.01.2019 година) ќе работат во две смени, во периодот од 07:30 до 19:00 часот. Во понеделник, на 7 јануари 2019 година, овие пунктови ќе работат само прва смена од 07:30 до 13:00 часот.