Министерство за здравство: Разрешен е Арбен Зибери, в.д. директорот на Центарот за јавно здравје

Министерството за здравство информира дека е разрешен в.д. директорот на Центарот за јавно здравје Скопје, д-р. Арбен Зибери.

„Зибери е разрешен заради пласирање на неточни изјави во јавноста со што директно наштети на угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, доведувајќи го во прашање кредибилитетот на здравствените институции во борбата со коронавирусот“, се вели со соопштението на Министерството за здравство.

Инаку, министерот Венко Филипче на прес-конференција веќе најави разрешување Зибери, откако в.д директорот на Фејсбук објави дека како член на Комисијата за заразни болести и како партија ДУИ дале придонес да се отворат границите без тестови и изолација, повикувајќи ги иселениците да дојдат да гласаат за премиер Албанец.

Филипче изјавата ја оцени како „евтина политичка кампања во предизборни цели“, а Зибери потоа порача „министерот да престане да ја злоупотребува владината говорница за изборни препукувања“.

Сега, министерството информира дека д-р. Александар Стојанов, епидемиолог од Центарот за јавно здравје е назначен за нов в.д. директор на Центарот.