Милано ќе ги забрани автомобилите во центарот на градот од 2024 година

Милано, еден од најнаселените италијански градови, предложи забранување на автомобилскиот сообраќај во центарот на градот. Градоначалникот, Џузепе Сала сака да го намали загадувањето во градот, кое е за четири пати повисоко од нормалата.

Доколку се изгласа, мерката ќе започне да се практикува во 2024 година.

„Мерката е мала, но истовремено и историска“, изјавил Сала, кој дополнил дека мерката предвидува поставување на камери низ центарот на Милано кои ќе вршат надзор над сообраќајот.

Миланските жители кои поседуваат гаражи или свој приватен паркинг, но и такси-возачите и јавните превозници ќе бидат исклучени од мерката. Оние кои нема да ја почитуваат мерката, ќе треба да платат парична казна, но износот уште не е објавен.

„Ние во Милано сме пионери и имаме храброст, за нови, но логични работи. Јас не сум противник на капитализмот, но кога ќе видам како низ центарот се движат екстра луксузни автомобили за кои нема паркинг, свесен сум за проблемот“, додал Сала.

Според градоначалникот, мерката е почеток на серија нови еко-политики.

Предложената мерка веќе доби и критики. Меѓудругото, противниците сметаат дека мерката ќе ги казни жителите од преградијата кои патуваат секој ден до центарот на Милано.