Стокхолм ќе ги забрани автомобилите на бензин и дизел од центарот на градот

Стокхолм ќе ги забрани автомобилите на бензин и дизел од клучните делови на центарот на градот од 2025 година во обид да го подобри квалитетот на воздухот и да ја намали бучавата во сообраќајот, изјави во вторникот заменик-градоначалникот задолжен за транспорт.

Со планот се воведува еколошка зона во 20 блока во внатрешноста на градот Стокхолм, каде се наоѓаат луксузни продавници и некои од најскапите комерцијални простори во Шведска.

Партијата на зелените, која е дел од владејачката коалиција на левичарски и еколошки партии во Градскиот совет на Стокхолм, се надева дека целта ќе го забрза преминот од автомобили со мотори со внатрешно согорување на електрични автомобили.

„Денес, воздухот во Стокхолм предизвикува бебињата да имаат проблеми со плуќата, а постарите лица прерано умираат. Ова е сосема неприфатлива ситуација“, се вели во соопштението на заменик-градоначалникот Ларс Стромгрен од Партијата на зелените.

Во таканаречената еколошка зона од трета класа, првенствено ќе може да се возат целосно електрични автомобили. Исклучоци, според новата регулатива, ќе дозволуваат поголеми комбиња, кои ќе треба да бидат макар хибридни возила.

Одредени други возила, како што се амбулантни и полициски возила, како и автомобили во кои возачот или патникот има попреченост, исто така се изземени од прописите.