Државната страница за следење на квалитетот на воздухот води кон измамнички сајтови

Во време кога аерозагадувањето повторно е жешка тема, со загадувањето во неколку градови, што државата ја принуди да активира мерки и препораки, државната веб-страница за следење на квалитетот на воздухот на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), која деновиве се повеќе се посетува, пренасочува кон други страници, кои се означени како малициозни. Радио МОФ вчера испрати и прашања до МЖСПП, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.

При нашето пребарување на веб-страницата деновиве, во неколку наврати нѐ пренасочуваше кон различни страници, а една од нив беше и „windream.life“, која од антивирусниот софтвер веднаш беше означена како „измама“. Во објаснувањето се додава дека страницата кон која бевме пренасочени „има за цел да ве измами да му ги дадете на напаѓачот вашите лични податоци или пари“.

Дополнително, преку веб-алатка ја испитавме истата страница кон која бевме пренасочени и сомнежот го потврдија неколку антивируси кои ја означија страницата како „малвер“, но и како малициозна, односно страница која е создадена со цел да се украдат податоци и да се внесе малициозен софтвер како што е „рансомвер“.

Резултат за страницата „windream.life“ преку алатката „VirusTotal“

Дополнително, оваа веб-страница потоа пренасочува кон повеќе веб-страници, меѓу која и „soilonlywood.live“, страница која се наведува дека е „2022 Годишна Анкета на Посетители“. Истовремено, на неа се наведува дека може да купите „Ајфон“ за едно евро. Проверката на оваа страница пак, го крева алармот кај два антивирусни софтвери кои ја означуваат како „малвер“ и дополнителни два кои ја означуваат како „спам“.

принтскрин од страницата „soilonlywood“

Доколку се задржите одредено време на страницата, ќе наидете на дополнителни пренасочувања кон неколку веб-страници во краток период.

принтскрин од страниците каде се пренасочуваат корисниците

Инаку, страницата за следење на квалитетот на воздухот веќе со денови не прикажува резултати за ПМ 10 честички на повеќе места, како Ѓорче Петров, Карпош, Лисиче, Кичево, Тетово, Кочани, Охрид, Центар и Миладиновци. Од МЖСПП претходно соопштија дека поради проблеми со мрежните системи на МЖСПП и инсталација на нова серверска опрема не се достапни податоци од мерните места Тетово и Гевгелија.

Мартин Колоски