Во Словенија незадоволство од квалитетот на воздухот, иако речиси никогаш не се надминува границата на загаденост

Границата на таканаречените ПМ честички, чија концентрација е индикатор за загаденоста на воздухот, во Словенија речиси никогаш не ја надминува законската граница. Но, словенечката Агенција за заштита на животната средина укажува дека не се задоволни од квалитетот на воздухот во одредени периоди од годината.

Националната мерна мрежа за мониторинг на квалитетот на воздухот во Словенија е формирана во 2002 година и има 22 мерни станици. Првото мерење на квалитетот на воздухот започна во 1968 година кога беше измерена концентрацијата на сулфурен диоксид (SO2), а во 1996 година Љубљана ја доби првата мерна станица.

Претставничката на агенцијата Рахела Жабкар рече дека Словенија поради конфигурацијата на теренот има проблем со овој тип на загадување.

„Во Словенија има 22 мерни места, а ние мерењата ги правиме согласно законот. Во последните години имавме најголем проблем со загадувањето на воздухот во зимските денови поради греењето, односно малите потрошувачи“, изјави Жабкар.

На зима, како што рече, има проблем поради сложениот терен бидејќи Словенија е составена од котлини и долини.

„Најголемото загадување е во зима кога дува силен ветер, кога котлините не се проветруваат и кога воздухот е заробен во слоевите во близина на земјата“, рече Жабкар.

Како што наведе таа, најзагадени подрачја во тој период биле Љубљана, Цеље, Загорје и Трбовље.