Скопје втор најлош главен град во Европа според аерозагадувањето во 2021

Северна Македонија се најде на 34-тото место од вкупно 117 земји во светот според аерозагадувањето со ПМ 2,5 честички во 2021 година, додека Скопје е вториот најзагаден главен град во Европа, покажа годишниот извештај на швајцарската компанија IQAir.

Во македонскиот главен град биле регистрирани просечно по 27,7 μg/m³ (микрограми на кубен метар) ПМ 2,5 честички минатата година и се најде на 25-тото најлошо место во споредба со главните градови во светот, додека Сараево е единствениот главен град на европскиот континент каде лани било регистрирано поголемо аерозагадување.

Извештај на IQAIr

Со просечна годишна концентрација од 25,4 μg/m³ ПМ 2,5 честички, Северна Македонија, пак, е меѓу најлошите во регионот. Подобри од земјава се Албанија, која се најде на 79-тото место на најзагадени држави во светот, Словенија (77), Косово (69), Бугарија (60) и Грција (53), а само едно место подобар пласман има и Хрватска (35-то место). Единствено поголемо аерозагадување било регистрирано во Србија (33), Босна и Херцеговина (28) и Црна Гора, која е убедливо најлоша во окружувањето (16-то најлошо место во светот).

На светско ниво држави со најзагаден воздух во светот минатата година биле Бангладеш, Чад и Пакистан, додека Нова Каледонија, Девствените Острови и Порторико имале најчист воздух.

Извештај на IQAIr

Од главните градови најлош квалитет на воздух има Њу Делхи во Индија, по што следува Дака во Бангладеш и Нџамена во Чад. Од поголемите светски метрополи најквалитетен воздух бил регистриран во Канбера во Австралија, Хелсинки во Финска и Талин во Естонија.

Извештајот покажува и дека ниту една држава во светот не успеала да ги достигне стандардите за аерозагадување на Светската здравствена организација (СЗО) минатата година. Препораките на СЗО се просечните годишни концентрации на ПМ2,5 честичките да не бидат повисоки од 5 μg/m³, но само 3,4 проценти од анализираните градови го задоволиле овој стандард во 2021 година. Истовремено, 93 градови имале концентрации на ПМ2,5 честички кои биле дури 10 пати повисоки од препорачаната граница.

„Шокантен е фактот што ниту еден голем град или држава не обезбедува безбеден и здрав воздух за нивните граѓани според последните препораки на СЗО. Овој извештај потенцира колку многу работа преостанува за да се обезбеди дека сите имаат безбеден, чист и здрав воздух за дишење“, вели Франк Хамес, директорот на „IQAir“.

Извештајот на организацијата е базиран на мониторинг станици за квалитетот на воздухот во 6.475 градови во 117 држави, региони и територии низ светот. Од сите станици 44% се управувани од државните институции додека другите се мониторинг станици управувани од научни ентузијасти, непрофитни организации или приватни компании.

Целиот извештај е достапен на следниов ЛИНК.