[Фото] Пресушија „градските дрвја“, еколозите тврдат дека и онака не функционираат

Поминати се седум години откако во центарот на Скопје и Тетово беа поставени „Градски дрвја“ односно инсталациите „City tree“.

Во 2016 инсталациите беа свечено најавени како комбинација од специфични култури на мовови со васкуларни растенија кои „јадат“ ситна прашина (ПМ), азотни оксиди и озон, а имаат способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно.

„Градските дрвја“ беа донација кон Град Скопје и Општина Тетово од страна на Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“ од каде пак ги набавиле со поддршка од македонски и интернационални компании.

Фото: 2016, фотошоп најава за вештачкото дрво

На најавата беше истакнато и дека зелените билборди се инсталации со соларни панели, кои се практично самоодржливи и потребно е сервисирање од само неколку часа годишно – односно, единствено што бараат е редовно одржување со вода.

Но, по седум години од помпезната најава, на вештачките дрвја нема ни „З“ од зеленило. Се гледаат пресушени гранки и по некој отпадок меѓу нив. Инсталациите веќе не стимулираат „будност и грижа за квалитетот на животот“, туку напротив, станати се еден споменици – потсетници на лоши практики и пресушено зеленило меѓу бетонските џунгли во Скопје и Тетово.

Уште од најавата, па сѐ до денес остана прашањето чија е одговорноста за одржувањето на инсталациите, кои за да не бидат во оваа состојба, се потребни „сервисирања од само неколку часа годишно“.

Радио МОФ  испрати прашања до Град Скопје и Општина Тетово, но и покрај ветувањата за одговори, добивме тишина. Изјава не добивме ниту од „Еко-свест“.

Од поставувањето на инсталацијата, Скопје смени три градоначалници – Коце Трајановски, Петре Шилегов и Данела Арсовска.

Во Тетово во овој период се сменија 2 градоначалници – Теута Арифи и Биљал Касами. Но, исто како и во Скопје, инсталацијата стои пресушена во близина на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“.

Екологот Кирил Арсовски – Пржо за Радио МОФ вели дека според научните консензуси, единствен начин на кој што можат да се подобри животната средина во градовите е преку решенија кои се нарекуваат NBS (Natural based solutions), односно развивање на урбани еко-системи.

„Сите овие други козметички решенија, науката за нив нема консензус. Самата идеја дека еден ѕид со мов или со некои растенија ќе може да прочисти кислород е самата по себе е неразумна. Самата помисла е неразумна. Истата практика што се однесува за зелените дрвја се однесува и за филтрите за воздух. Замислете колку кубици тони има над Скопје, а они велат ќе ставиме едно поштенско сандаче што ќе има ХЕПА филтер и тоа ќе го прочисти воздухот. Мислам, не е разумна идејата, нонсенс“, вели Пржо.

Според екологот, вештачките дрвја, зелените билборди најчесто се поставувани од страна на поголеми компании за нивниот имиџ за општествена одговорност, како во светот, така и во Македонија.

„Сите овие филтри за воздух, ако некаде се развиени се користат во објекти на индустријата. Внатрешно, а не надворешно. На пример, така беше со онаа фантомска боја од еколошкиот мурал на H&M, таа боја навистина делува против загадување, ама делува кога ќе се нанесе во внатрешен простор, во сала каде што работат луѓе или во ходници, но надвор, нема никакво значење. Тие се неодржливи, без разлика дали се на соларна енергија, тие се неодржливи“, истакнува Арсовски.

За екологот, еколошките практики и градски решенија треба да се прават по кројка, а не да бидат „копи-пејст“.

Односно, објаснува Арсовски, тоа значи правење на претходни истражувања за да се утврди во кој период од годината градот има најмногу зеленило, дали тоа ќе помогне во намалувањето на локалните топлински острови, или дали тие растенија кои се засадуваат одговараат на климата.

„Наместо да се оди кон развивање на урбани шуми, за кои има научен доказ дека помагаат во намалување на топлина, ретенција на вода, прочистување на вода или пак дур не се прават зелени коридори, зелени површини што се поврзуваат меѓусебе пример – Градски парк со Водно и Гази Баба да се поврзат на некој начин. Се друго е козметика. Нема никаква еколошка вредност. Постојат безброј докази кои потврдуваат дека вештачки формирани зеленила и шуми немаат никаква функција врз екосистемите“, нагласува Арсовски.

„Сѐ повеќе во науката се истражува влијанието на климатските промени врз градовите, се истражува и зазеленувањето како такво, природни растенија и грмушки – и тоа не помага. Дополнително, саксиско растение ако се наредат саксии околу трговски центри – тоа нема никаква еколошка функција. Тоа не помага во ништо. Заклучокот е дека не треба да се губи време во измислување на нова екологија, екологијата постои. А моралната порака е дека наместо луѓето да размислуваат на заштита и за превенција, тие размислуваат за репарација. Значи ние ќе ги исечеме дрвјата во Градски парк, ќе го уништиме зеленилото ама ќе поставиме вештачки дрвја“, заклучува тој.

Во 2016 година, на свеченото најавување, беше истакнато дека целта на поставувањето на ваквото вештачко дрво е за да се направи чекор кон намалување на загадувањето и да се подигне јавната свест.

„Градското дрво“ беше објаснето како инсталација од мов и васкуларни растенија  кои ја привлекуваат и фаќаат ситната прашина, а потоа ја претвораат во фитомаса која ја користат како храна.

Дополнително, беше истакнато дека овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина, дека ја намалува температурата во својата близина и до 5 степени, како и дека има ист ефект како 275 дрвја.

На најавниот настан за поставувањето на „Градското дрво“ присуствуваа претставници од „Еко-свест“, тогашната раководителката на секторот за животна средина на Град Скопје – Цветанка Икономова-Мартиновска, како и тогашната германската амбасадорка Кристине Д. Алтхаузер бидејќи поставувањето на вештачкото дрво претставуваше заеднички македонско-германски потег кон климатските промени.

Ивана Смилевска