Марш на жителите на Карпош и блокада на раскрсницата кај Сити мол против самоволието на општината

Граѓаните од движењата „Ние сме Карпош 4“, „Зелено Тафталиџе“ и другите засегнати жители утре ќе побараат да престане „самоволието на локалната самоуправа на општината Карпош“, која како што велат, на нетранспарентен начин и со негрижа за интересот на граѓаните се обидува да интервенира во урбанистичкиот план во интерес на профитерскиот урбанизам.

Тоа ќе се направи преку протестен собир, кој ќе се осврне на прашањата за зачувување на животната средина и граѓанското учество во одлуките на општината, соопштуваат од иницијативата.

Настанот започнува во 18.30 часот, во вторник, со блокирање на раскрсницата кај Сити мол. Од таму, маршот ќе се упати кон паркот на Букурешка, каде ќе биде одржана отворена дискусија.

Нивните барања до градоначалникот на Општина Карпош, како нарачател на планот, и Советот на Општината, како орган кој ги носи одлуките за усвојување на деталните урбанистички планови остануваат:

– Стопирање на новите ДУПови (ДУП – Детален урбанистички план) за општина Карпош
– Спречување реализација на дел од ДУП за Градска четврт З 06, опфат помеѓу бул. Партизански одреди, ул. Московска, бул. Македонија и бул. 8ми Септември, поточно за ГП 5.44, со кој на местото на паркот на Букурешка ќе изникне зграда.
– Суштинско интегрирање на граѓаните во одлуките кои влијаат на нивните секојдневни животи

„Во овие политички околности е важно да не се заборави дека граѓаните мораат да останат будни. Мораме активно да се залагаме за учество во одлуките на општината и да ја примораме да работи во наш интерес. Карпош кој ние го знаеме ќе престане да постои доколку не се избориме за зеленилото, за чистиот воздух, за јавниот простор. Карпош е на граѓаните, а не на инвеститорите! За будни граѓани! За Зелен Карпош“, стои во сопштение за настанот.