Малага избрана за најдобар град за работа во странство, Милано прогласен за најлош

Шпанскиот град Малага се најде на врвот на листата на најдобри градови во светот за работа во странство според годишното истражување „Експат Инсајдер“ за 2023 година.

Од организацијата „ИнтерНации“, кои го спроведуваат истражувањето, анкетирале над 12 илјади експатриди (професионалци кои живеат и работат надвор од својата матична држава) од 172 светски држави и територии и ја составиле листата на најдобрите градови за работа во странство. Извештајот за 2023 година рангира 49 градови низ светот според квалитет на живот, едноставност за приспособување и личните финансии.

Малага се најде на првото место бидејќи е оценета како најдобар град според пријателскиот однос од страна на локалните жители. Дури 89% од анкетираните истакнале дека локалното население е посебно пријателски настроено кон странски жители, за разлика од глобалниот просек кој изнесува 65%. Градот се најде на второто место според категоријата квалитет на живот со одлични оценки во поглед на климата и временските услови, а има прилично добар рејтинг и во однос на јавниот превоз и здравствениот систем. Најпосле, анкетираните експатриди ја ставиле Малага на првото место според индексот на лични финансии, особено поради тоа што сметаат дека во градот лесно може да се најде сместување по поволни цени.

Шпански градови се најдоа и на второто и третото место во глобалното рангирање – Аликанте и Валенсија. Исто како и Малага и овие градови добиле високи оценки поради едноставноста за прилагодување и квалитетот на живот. Аликанте е градот со најпристојни цени за сместување на овогодишното рангирање, додека Валенсија е на првото место во подкатегоријата „здравствен систем“.

Во првите 10 градови на овогодишната листа се најдоа и Рас Ал Каима и Абу Даби (Обединети Арапски Емирати), Мадрид (Шпанија), Мексико Сити (Мексико), Куала Лумпур (Малезија), Бангкок (Тајланд) и Мускат (Оман).

Фото: Expat Insider 2023

На дното на индексот оваа година, на последното 49-то место се најде италијанскиот град Милано, кој според експатридите е најмалку пожелна дестинација за работа. Преголемата бирократија, тешкотиите во отворањето на банкарска сметка, и обезбедувањето на виза се главните проблеми со кои се соочуваат професионалците кои работат надвор од нивните матични држави. Истовремено поплаки има и за наоѓањето сместување, како и проблемите да се живее во градот без зборување на локалниот италијански јазик. Градот не стои добро ниту според сигурноста на работното место и платата која се добива, а дополнително градот се најде меѓу најлошите и според личното чувство за безбедност и незадоволство од урбаната средина и загадувањето на воздухот.

Само едно место над Милано е италијанскиот главен град Рим, каде експатридите исто така се соочуваат со речиси истите потешкотии како и во Милано. Градот се најде на последното место според задоволството од работата на анкетираните и нивната финансиска состојба. Рим истовремено стои најлошо според локалната бирократија и отворањето банкарски сметки.

Меѓу најлошите пет градови на рангирањето се уште и Ванкувер (Канада), Хамбург и Берлин (Германија).

На истражувањето исто така беше направено и рангирање на државите според условите за експатридите. Тука Мексико се најде на врвот, каде се истакнува лесното прилагодување и пријателскиот однос на локалните жители. Дополнително анкетираните ги фалат можностите за вмрежување, разонода, наоѓање сместување и личните финансии. Единствено каде оваа држава стои полошо е во поткатегоријата „политичка стабилност“ (45 место од 53 држави).

На првите пет позиции се најдоа уште и Шпанија, Панама, Малезија и Тајван.

Фото: Expat Insider 2023

Најлоша држава во 2023 за експатридите е прогласена Кувајт, која е пласирана на последното место во категориите „квалитет на живот“ и „разонода“. Околу половина од анкетираните изјавиле дека во земјата не можат отворено да ги изразат своите ставови, што е тројно повеќе од глобалниот просек. Дополнително државата стои доста лошо според пристапот до здравствени услуги, културни активности и социјалниот живот.

На претпоследното, 52-ро место, оваа година се најде Норвешка, каде испитаниците најмногу се жалат на високите цени за живот и прилагодувањето во државата како странци. Повеќе од 60% од анкетираните негативно ги оцениле цените за живот во земјата, во споредба со 35% на глобално ниво, а експатридите се жалат и дека не се чувствуваат како дома во Норвешка (37% во споредба со 20% глобално). Добрата страна на земјата е што стои прилично високо според стабилноста на работните места и економската состојба, политичката стабилност, чистиот воздух и природата.

Меѓу најлошите пет места оваа година се најдоа уште и Турција, Јужна Кореја и Германија.