Мексико прогласена за најдобра, а Кувајт за најлоша држава во светот за работа во странство

Трендот за работа од далечина не покажува знаци дека се намалува. Со тоа што државите низ светот се` повеќе издаваат визи за „дигитални номади“ станува и полесно да се работи легално во странство.

Организацијата „ИнтерНации“ (InterNations) во своето годишно истражување „Експат Инсајдер“ разговарале со 11.970 експатриди (професионалци кои живеат и работат надвор од својата матична држава) од 181 светски држави и територии и ја составија листата на најдобрите дестинации за работа во странство. Извештајот за 2022 година рангира 52 светски дестинации според квалитет на живот, едноставност за приспособување и личните финансии.

Оваа година на врвот на листата на најдобри места за живот за експатриди се најде Мексико. Државата се најде на првото место според поткатегориите „локално гостопримство“, „наоѓање пријатели“ и „култура“.

Во првите десет држави се најдоа уште и: Индонезија, Тајван, Португалија, Шпанија, Обединети Арапски Емирати, Виетнам, Тајланд, Австралија и Сингапур.

Португалија е убедливо најдобрата дестинација во Европа, каде сончевите денови, пријатната клима и добриот социјален живот се истакнуваат како најголеми предности, сепак повеќе од половина од експатридите сметаат дека проблем претставува локалната бирократија, а испитаниците изразиле незадоволство и од локалниот пазар на труд и можности за кариера.

Доколку се земе само категоријата „квалитет на живот“, тогаш на првото место во светот за експатридите е Шпанија. Тие изјавиле дека им се допаѓа разновидноста на храната која се нуди, како и можностите за спортување, култура и ноќен живот. Пристапноста на здравствениот систем исто така е еден од главните фактори зошто експатридите ја оцениле високо Шпанија, од испитаните 77% изјавиле дека можат да добијат пристап до било каква здравствена услуга која им е потребна. Шпанија, слично како и Португалија, е на врвот на најдобрите земји во светот според климата и временските услови.

Најлошата дестинација за работа во странство според извештајот е Кувајт, каде експатридите покажале незадоволство од природната средина (65% наспроти 8% глобално) и можноста отворено да ги кажат своите мислења (57% наспроти 18% глобално). Тие исто така сметаат дека локалното население не е пријателски настроено (44% наспроти 17% глобално) и го рангираат негативно нивниот социјален живот (50% наспроти 26% глобално).

Во најлошите десет држави се најдоа и: Нов Зеланд, Хонг Конг, Кипар, Луксембург, Јапонија, Јужна Африка, Турција, Италија и Малта.

Италија, на пример, котира многу лошо поради проблематичната локална бирократија и тоа што вработените мораат да отворат локална сметка во банка. Експатридите сметаат и дека тие во земјата не се соодветно платени за нивната работа (29% наспроти 20% глобално).