Во кои држави е најлесно да се снајдете за работа во странство?

Преселбата во странство стана полесна во пост-пандемијата поради растот на работата од далечина. Многу европски држави воведоа визи за дигитални номади кои им помагаат на експатридите (професионалци кои живеат и работат надвор од својата матична држава) со дозволата за престој и даночните политики.

Но, селењето во друга држава и понатаму со себе носи многу предизвици. Еден од најважните чекори е изборот на локација која ќе одговара на вашиот животен стил и потреби.

Заедницата „ИнтерНејшнс“ (InterNations), која ги обединува луѓето кои живеат и работат во странство, користејќи ги податоците од анкетата на „Експат Инсајдер“ направи листа на најдобри и најлоши дестинации за експатридите.

На врвот како дестинација каде експатридите најлесно можат да се снајдат се најде Бахреин, најмногу поради недостатокот на јазични бариери, едноставната процедура за добивање виза, големата заедница на експатриди и малата бирократија.

На првите три места се најдоа уште две азиски држави – Обединетите Арапски Емирати и Сингапур, кои исто така се истакнуваат кај експатридите поради тоа што за снаоѓање не е потребно да го познавате локалниот јазик, едноставната бирократија и добрите дигитални услуги кои ги нудат властите во овие држави.

Највисоко рангирана од европските држави е Естонија, која се најде на четвртото место на листата. И овде експатридите ги потенцираат бенефитите на лесната администрација и бирократија, едноставното добивање виза, а земјата е на првото место во светот според дигиталните владини услуги кои ги нуди.

„Навистина ми се допаѓа колку лесно е да се живее овде. Услугите вообичаено се ослободени од бирократски проблеми и потребно е многу помалку пополнување формулари отколку што тоа е случај во Велика Британија“, вели еден експатрид од Британија.

Анкетираните исто така ја пофалиле естонската инфраструктура за безготовинско плаќање, како и можноста за поставување многу брз интернет до местото на живеење.

Покрај Естонија, нема друга европска држава меѓу 10-те држави каде што е најлесно да се снајдете како експатрид. На петтото место се најде Оман, а во првите десет се уште и Индонезија, Саудиска Арабија, Катар, Кенија и Канада.

Додека европските држави ги нема на врвот, тие се прилично застапени на дното на листата. Во 10-те најлоши држави за снаоѓање за експатридите, дури шест се европски.

На последното место се најде Германија, каде експатридите велат дека се соочувале со најмногу бариери при започнувањето на својот живот во земјата. Земјата се најде во последните десет држави во три од четирите подкатегории – домување, дигитален живот и јазици.

Според анкетата работниците се незадоволни од тоа што пронаоѓањето дом во Германија е и скапо и тешко да се најде.

„Може да ви требаат дури и три месеци за да најдете барем привремено сместување“, вели еден експатрид од Полска.

Дополнително проблем е и јазикот, бидејќи 46% од анкетираните изјавиле дека е тешко да се живее во Германија без да се зборува локалниот јазик.

Недостатокот на дигитализација во земјата е уште еден проблем, бидејќи имало бројни поплаки за недостаток на брз интернет и безготовински платежни услуги. Иако Германија малку подобро стои во категоријата „администрација“, 52 проценти од анкетираните изјавиле дека имале проблем во комуникација со локалните власти.

„Ја мразам германската бирократија. Особено фактот што ништо не е дигитализирано. Ви треба вечност за да стапите во контакт со било која од локалните владини канцеларии за да дискутирате за дозволите за претстој и слично“, изјавил еден експатрид од Велика Британија.

Италија и Франција исто така фигурираат како едни од најлошите држави за снаоѓање за странските професионалци. Во Италија како најголеми проблеми се издвојува локалната бирократија и тешкотијата за отворање на локална сметка во банка, додека во Франција бариери се јазикот и комуникацијата со локалните власти.

Малта исто така ги фрустрира експатридите поради бирократијата и администрацијата. Речиси три од секои пет експатриди велат дека имаат проблем во комуникацијата со локалните власти во Малта.

„Не ми се допаѓа црвената лента – на пример, проблемите со добивањето возачка дозвола. Исто така и бесконечните формулари кои треба да се пополнат за да се добие сметка во банка“, објаснува еден британски експатрид.

Позитивна карактеристика на Малта е достапноста на англискиот јазик, што прави полесно прилагодување во животот на експатридите.

Во најлошите десет држави во светот за снаоѓање на експатридите се наоѓаат и Јапонија, Кина, Кувајт, Грција, Виетнам и Чешка.

Во анкетата на „Експат Инсајдер“ за 2022 година биле анкетирани речиси 12.000 луѓе кои споделиле како изгледа животот и работата далеку од дома.

Претходно пишувавме за тоа кои се најдобрите градови и држави за работа во странство.