Македонските граѓани најмногу во Европа живеат во засебни куќи

73% од македонските граѓани живеле во засебна семејна куќа, процент што е најголем помеѓу 32 држави во Европа вклучени во истражувањето на Еуростат за 2019 година.

Истовремено, околу 14% од населението од земјава живеело во станови, што покрај Ирска е најнизок процент на континентот, додека останатите 13% живееле во споделена куќа (станбена единица која на друга се придружува со споделен заеднички ѕид).

Покрај Северна Македонија, во засебни куќи најмногу живеело и населението во Хрватска (68%), Словенија (66%), Унгарија, Србија и Романија (по 65%). Најмалку во засебни куќи живееле жителите на Малта (5%).

Просекот во ЕУ, пак, покажува дека најголем број од жителите живееле во станови (46%), нешто повеќе од третина (35%) од населението живеело во засебни куќи, додека една петтина (19%) живеело во споделени куќи.

Становите биле најчесто место за домување во 14 земји членки на ЕУ, најмногу во Летонија, каде 66% од населението живеело во згради, Шпанија (65%) и Естонија (61%). Во Европа најмалку во станови живеело населението на Ирска (8%), Северна Македонија (14%) и Холандија 21%).

ФОТО: Еуростат

Дополнително, статистиката на Еуростат покажува и дека 70% од популацијата во Европската Унија живееле во куќа или стан кој е во нивна сопственост. Најголем процент на население кое живеат во сопствен имот имало во Романија (96%), Унгарија (92%) и Литванија (90%), додека најмал процент има во Германија (51%) и Австрија (55%).