С. Македонија повторно меѓу 10-те земји со најголема смртност од Ковид-19 во светот [Инфографик]

Откако дневните бројки на смртни случаи последниве денови забележаа рекорди од почетокот на пандемијата, Северна Македонија повторно се најде меѓу врвот на листата на земји со најголема смртност од Ковид-19 во светот.

Додека трае најлошиот период од заразата, со вкупно 3.940 смртни случаи, земјава се наоѓа на осмото место во светот според смртноста на милион жители. Или, доколку се пресмета според процентот на починати од регистрирани заразени лица, повторно се наоѓа високо на листата – 22 место во светот од 138 држави кои пријавиле над 10.000 заразени лица од Ковид-19.

Во регионот според смртноста на милион жители на врвот се наоѓа Црна Гора, додека С. Македонија е петта. Според процентот на починати од заразени најлошо стои Босна и Херцеговина, додека земјава е на четвртото место во регионот.

Во петокот беше забележан рекорден дневен број на починати од Ковид-19 во земјава од почетокот на пандемијата, дури 50 лица, додека викендов беа регистрирани дополнителни 80 смртни случаи во саботата и неделата.

Од почетокот на пандемијата бројот на заразени лица од Ковид-19 во Северна Македонија изнесува 134.867, бројката на оздравени пациенти е 109.297, на починати е 3.940, а бројот на активни случаи 21.630. Вкупно направени се 641.573 тестирања на вирусот.

Даниел Евросимоски