Македонски визуелни уметници: Разговор со Кристина Пулејкова

Со цел да се оствари континуитет во претставувањето на македонската визуелна сцена, КСП Центар-Јадро продолжува со нова серија разговори во живо, со македонски визуелни уметници и нивните дела изложувани на значајни изложби. Намерата е да се постигне поголема промоција како и генерациско поврзување што ќе помогне во воспоставувањето на континуитет и интензивирање на дијалогот на локалната уметничка сцена.

Оттука, нов онлајн разговор со Кристина Пулејкова ќе се случи вечерва (среда, 6 декември) од 20 часот.

Разговорот ќе го води Ана Франговска, кураторка и историчарка на уметност.

Инаку, Кристина Пулејкова (р. 1988) е македонска уметница која живее и работи во Скопје и во Лондон. Нејзиното интердисциплинарно творештво се заснова врз науката и технологијата. Делото на Кристина го истражува начинот на кој употребата на технологијата може да доведе до поголеми облици на одржливост во односите човек – природа.

„Работејќи низ подвижни слики, звук и инсталација, таа има за цел да изгради субјективни наративи, засновани врз научни податоци и начела. Во своите дела има тенденција да претставува гласови – гласови од суштества, предмети, па дури и атоми, со цел да се обиде да ги воведе нечовечките перспективи. Преку употребата на напредната технологија, делата на Кристина честопати се занимаваат со прашања од животната средина, притоа раскажувајќи лични приказни, кои ја ставаат публиката во центарот на сцената, овозможувајќи протагонистички пристап и поинаков начин на гледање на нештата“, стои во најавата.