Отворање на изложбата на уметничкиот проект „Човеколики неволји“ во Центар-Јадро

*Првичната објава на Радио МОФ е обновена поради промената на датумот и дел од концептот на настанот

Во Центар-Јадро во вторник (14 февруари) од 20 часот ќе биде отворена изложбата на уметничкиот проект „Човеколики неволји“.

Се работи за партиципативен проект инициран од Ивана Мирчевска, а учествуваат Ангела Манчевска, Дијана Велковска, Ивана Самадова, Јован Гаковски, Кристијан Стефановски, Риџет Ферати и Кристина Крстеска.

„Препознавјќи го пејзажот и неговите сочинители како активни посредувачи во креирањето на условите за живот, проектот се повикува на локалните еколошки предизвици, истражувајќи ги проблематичните граници меѓу формите создадени од човекот и нечовечките нешта.’Човеколкиувањето’, или, антропоморфизирањето, претставува културна и визуелна практика на припишување човечки карактеристики на околината, најчесто женски атрибути, однесувања и појави. Всушност, човечкиот лик е отелотворен и во денешниот дискурс кој ја објаснува тековната планетарна состојба преку поимот на „Антропоцен“ (ера во која човечкото влијание доминира врз природниот тек на процесите на природата)“, стои во најавата.

Проектот поаѓа од интеракцијата на учесниците со нивните не-човечки алтер-ега: водени тела, воздух, обликоменувач, мицелиумска мрежа, почва, коски и желка.

Истражувајќи форми на меѓутелесна комуникација, вмрежување и заедништво, помеѓу учесниците и алтер-егата, како и помеѓу алтер-егата кога делуваат заедно, проектот обработува разни форми на уметнички процес и продукција, проследени со посета на локални индустриски урнатини (поранешната фабрика „Стаклара“ и населбата „Керамидница“), антропогените шуми како Гази Баба и Марково Крувче, неолитската населба Tумба Маџари, базенот на Езерото Треска и пермакултурната градина Бостание.

„На алтер-eгата им приоѓаме како човеколики неволји. Како објекти со антропоморфни карактеристики кои произлегуваат од проблематичната интеракција помеѓу луѓето и околината. Kако поглед или средба манифестирана во неможноста за меѓусебно разбирање, во препознавањето на едни со други, разменувајќи истовремено чувства на непријатност и задоволство“, се вели во најавата.

Преку користење на текст, објекти, телесни движења и гестови, инстаграм филтри и звучна медитација, како и преку препознавањето на нашето ограничено разбирање за алтер-егата, тие самите ја трансформираат нашата желба за припишување човеколики карактеристики.

„Создадените алтер ега нѐ покануваат да ги прифатиме човековите сетилни и технолошки граници, во пресрет на заедничката прекаријатна еколошка сегашност“, велат креаторите на „Човеколики неволји“.

Соработници се: Ишјан Твин, Маја Цибрева, Амир Карахасан.

Проектот е спроведен во рамки на програмата „Места на дарежливост – трансформативни станици“ на КСП „Центар-Јадро“ со поддршка на Фондација отворено општество Македонија.