Македонски бренд изработува модни додатоци без создавање отпад – во процесот вклучени жени од ранливи категории и рурални средини

Изработка на модни додатоци со хеклање и без создавање отпад направени од самохрани мајки, жени од ранливи категории и рурални области. Ова е идејата позади македонскиот етички моден бренд „YOVA“.

Токму оваа идеја беше и дел од победниците на овогодишните „Зелени идеи“ на организацијата АРНО кои ги ставаат во фокус бизнис моделите кои во центар поставуваат еколошки и социјални цели.

Натали Ристовска од „YOVA“ за Радио МОФ објаснува дека брендот се грижи целиот животен циклус на еден производ да е етички и затворен, што значи дека се грижат еден производ да има долг рок на траење, но и под кои услови е направен и што се случува кога неговиот животен век ќе заврши.

„Материјалите од кои се изработени нашите производи се сертифицирани и потекнуваат од одржливо управувани шуми. А кога животниот век на еден производ ќе заврши, тој ќе се разгради за само шест недели“, објаснува Ристовска.

Важно е да се знае што ќе се случи со производот кога тој повеќе нема да ја има примарната функција, односно кога ќе треба да се фрли, вели Ристовска.

„Тоа значи дека ако првите чекори при создавањето на производот ги направиме правилно, тогаш ќе знаеме и што ќе се случи кога ќе му заврши животниот век“, додава таа.

Нивните производи, како што објаснува таа, се изработуваат рачно од тип на конец кој се нарекува вискозна рафија. За изработката на една ташна, вели дека се извршуваат околу 20 операции и 95% од нив, се извршуваат рачно. Првиот процес е плетењето, односно хеклањето на моделот, а потоа се аплицираат деталите, логото, кое претходно е рачно исхеклано и етикетите. По ова следува шиење, а на крај се аплицираат и рачките.

Ристовска смета дека делот со плетењето е работа која опушта и може да се работи од дома и во слободно време.

„Во нашиот процес се вклучени жени од ранливи категории, особено самохрани мајки, бидејќи тие се они на кои најмногу им треба дополнителен приход. Иако сме на самиот старт, се трудиме да бидеме општествено одговорна компанија. Имаме вкучено и жени кои се невработени, па така, со нивно вклучување во нашиот производен процес тие добиваат парична автономија“, објаснува Ристовска.

фото: „Yova“

Според неа, животната средина генерално сè уште не се става во преден план во модниот свет. Ристовска вели дека е тренд, особено кај „fast fashion“ брендовите“, да се кажува дека сите тие прават одржливи колекции, но смета дека најчесто станува збор за „green washing“.

„Би рекла дека процентот на одржливи брендови во светот е некаде околу 5%, но значително расте од година во година“, децидна е Ристовска.

Да имаш свој бренд, значи дека треба да се грижиш за зачувување на животната средина, за луѓето и за зачувување на културните вредности, сето тоа е она што го прави „YOVA“, заклучува таа.

Мартин Колоски