„Лабуништа ослободено од каменоломите засекогаш“, велат активистите по владината одлука да се раскинат концесиите

Активистите од еколошкото друштво „Натура Лаб“ на социјалните мрежи ги поздравија владините одлуки со кои се раскинуваат концесиите за каменоломи во регионот на Лабуништа.

Активистите се заблагодарија што владините претставници го одржале дадениот збор и најавија дека ќе продолжат и понатаму да се борат за јавниот интерес.

„На 154-та Владина седница, на предлог на Министерство за економија еднострано се одземени двете активни концесии. Министерството постапи според нашите претставки и наводи за законски прекршувања, а инспекторатите го потврдија. Лабуништа ослободено од каменоломите засекогаш. Благодарност до Владата на РСМ и министерот Крешник Бектеши за одржаниот збор, даден на состанокот во Влада и постапување по нашите барања. Посебна благодарност до нашите сограѓани лабуништани, за целосна поддршка на организираните настани, собири, протести и други активности“, стои во објавата на „Натура Лаб“.

Жителите на струшките села Лабуништа, Подгорци и Октиси изминативе години одржаа повеќе протести и блокираа патишта со барање да се раскинат концесиите за изградба на каменоломи си цел да се заштити локалното население од големото загадување од ископите. Според нив ваквите проекти претставуваат ризик и за природните убавини од подножјето на планината Јабланица.