ОН усвоија историски договор за заштита на биодиверзитетот во океаните

За првпат земјите членки на Обединетите нации донесоа заеднички договор за заштита на биодиверзитетот во меѓународните води, потег што треба да помогне во заштита на подводниот биодиверзитет.

Овој договор е постигнат по речиси 15 години преговори, а текстот треба формално да стапи на сила наскоро, откако ќе биде правно проверен и преведен.

Точната содржина на договорот се` уште не е објавена, но активистите веќе го нарекоа „историски“ чекор кон заштитата на биодиверзитетот.

„Во суштина имаме само две глобални заеднички работи – атмосферата и океаните. Иако океаните можеби не привлекуваат толку многу внимание во јавноста, заштитата на половина од земјината површина е апсолутно критично за здравјето на нашата планета“, вели морскиот биолог Ребека Хелм.

„Ова е можност која се укажува еднаш во животот за заштита на нашите океани. Станува збор за голема победа за биодиверзитетот“, додава Никола Кларк, експерт за океани кој ги набљудувал преговорите во Њујорк.

Со договорот се заштитуваат меѓународните води кои започнуваат од најмногу 370 километри оддалеченост од брегот и не се под јурисдикција на ниту една држава. Овие води, кои сочинуваат повеќе од 60% од океаните, долго време беа игнорирани од еколошките регулативи. Само околу 1% од меѓународните води досега беа предмет на заштита.

Кога договорот ќе стапи на сила треба да се создаде ново тело кое ќе менаџира со конзервацијата на океанскиот живот и воспоставување морски заштитени подрачја во меѓународните води. Договорот, исто така, воспоставува основни правила за мерење на еколошкото влијание на комерцијалните активности во океаните.

„Тоа значи дека сите планирани активности во меѓународните води ќе бидат разгледувани, иако не сите ќе бидат длабински анализирани“, објаснува Џесика Бетл, експертка за менаџирање океани од Светскиот фонд за природата.

Многу морски видови, меѓу кои и делфините, китовите, морските желки и голем број видови риби, прават долги годишни миграции и ги преминуваат меѓународните води и државните граници. Претходните напори да се заштитат овие животни беа попречувани од големата мрежа на конфузни закони.

„Овој договор ќе помогне да се заврзат меѓусебно различните регионални договори, со цел да се адресираат заканите помеѓу различните видови животни“, посочува Бетл.

Паралелно глобалните сили ветија милијарди евра во фондови со кои треба да се помогне во заштита на светските океани. На конференцијата беа дадени 341 заложба кои вредат скоро 18 милијарди евра, меѓу нив и 5 милијарди евра поддршка од САД.

Европската Унија, пак, најави поддршка од 40 милиони евра за забрзување на ратификацијата на овој договор и помош во неговата имплементација, а планираат и дополнителни 800 милиони евра за заштита на океаните во 2023 година.